Куп на Македонија: Металург против Пролет ќе брка учество на Ф4

После Пролет и Металург лесно стигна до победа на дуелот од 4. група од Купот на Македонија со што го елиминираше Вардар јуниор, па двете екипи од Супер лигата утре од 17 часот ќе ги одмерат силите во Автокоманда.

Металург денеска славеше над Вардар јуниор со 39:25, а победникот сосема очекувано беше решен уште во првото полувреме. Вардар јуниор се држеше на негатива од 3-4 гола до средината на првиот дел и имаше резултат кој даваше убава најава за продолжението. Сепак, после 7:5 тимот на Металург набрзина стигна до 4:0 и потизива од шест гола.

Втората серија дојде после 15:8, а шесте гола во мрежата на Вардар јуниор донесеоа 21:8 пред крајот на првото полувреме кое заврши со резултат од 21:9.

Продолжението од средбата беше формалност. Металург продолжи да го зголемува водството и постојано беше со разлика поголема од 15 гола така што беше прашање само на тоа со кој резултат ќе биде завршен овој меч.

Јасно е дека Металург и Пролет ќе го дадат учесник на завршниот Ф4 турнир во Купот на Македонија, а останува тоа да биде решено утре на финалниот дуел од 17 часот.

МЕТАЛУРГ – ВАРДАР ЈУНИОР     39:25  (21:9)

Сала: Автокоманда во Скопје. Гледачи: 150. Судии: Војо Христовски и Бобан Мајнов од Скопје. Делегат: Марјан Огњановски од Скопје.

МЕТАЛУРГ: Томовски, Даниловски, Маџовски 3, Јагањац 3, Димитриоски 9, Токиќ 3, Шилегов 4, Серафимов 7, Кузмановски, Велковски 2, Пешевски 2, Палевски 1, Матијашиќ 2, Лазаревски, Арсеновски 3.

Седмерци: 7/9, Исклучувања: 18 мин.

ВАРДАР ЈУНИОР: Н. Кизиќ, М. Кизиќ, Петковски, Димов 3, Ангелковски, Чакалиќ, Крстевски, К. Атанасовски 4, Мишевски 3, Димитров, Карапалевски 3, Трпчевски 5, Николовски, Димитровски, Куковски 1, С. Атанасовски 6.

Седмерци: 3/6, Исклучувања: 16 мин.