Куманово пресилно за малите „вардарки“

Екипата на Куманово победи со 38:24 на дуелот против Вардар јуниор и на тој начин и го нанесе првиот пораз сезонава на малите „вардарки“.

Кумановки имаа контрола на средбата уште од почеток. Поведоа со 4:0 и тука уште најавија дека на овој дуел нема да имаат поголем проблем за да се изборат за три бода. Ракометарките на Вардар јуниор не успеаја да се вратат во игра после оваа висока негатива на стартот и постојано беа далеку од можноста за подобар резултат.

Како што се ближеше крајот на средбата така и разликата стануваше поголема, а со оглед на тоа што рано беше направена двоцифрена предност, кумановки можеа мирно да го привршат овој дуел.

Репрезентативката Боризовска ги предводеше стрелците кај Куманово со седум погодоци. Зад неа со шест остана Пеовска, а по пет имаа: Марковиќ, Кипријановска и Костадиновска. Во Вардар јуниор Гичевска со осум гола беше најефикасна.