Куманово пред историски викенд: Славија Прага ги носи кумановки во 2. рунда од Купот на ЕХФ

Покрај Вардар и Еурофарм Работник на 14 и 15 септември активни на меѓународна сцена ќе бидат и ракометарките на Куманово кои ги играат двете средби од 1. коло од Купот на ЕХФ. Освојувачот на Купот на Македонија после историскиот успех во мај сега ќе се обиде да направи нов клупски успех и да се пласира во следната рунда од натпреварувањето.

Во Куманово гостува тимот на Славија Прага од Чешка и ова ќе биде навистина сериозен предизвик за ракометарките кои се предводени од страна на селекторот на Македонија, Симе Симовски.

Славија Прага се согласи двата натпревари да бидат одиграни во Куманово, а почетокот на двата дуели е од 18:30 часот. Цената на влезниците за овој натпревар ќе биде симболична и ќе биде по 50 денари така што целта е да се има колку може повеќе поддршка од трибините.

„Очекуваме да имаме поддршка на оваа средба. Ова се многу важни средби за нас. Играме два натпревари пред нашата публика и секако целта ни е да дојдеме до позитивен епилог. Сите ракометарки се подготвени. Здравствениот билтен е позитивен, а и оние кои се жалеа на повреда се чувствуваат подобро така што комплетни ќе го дочекаме овој двобој“, вели претседателот на кумановки, Бобан Пеовски.