Куманово падна пред Металург во дербито

Во преполната сала на СОУ Перо Наков, Куманово и Металург одиграа дерби натпревар од 17. коло во Женската лига, а гостинките беа поуспешни со 30:22.

Овој натпревар предизвика голема заинтересираност во Куманово бидејќи беше директен дуел за првото место на табелата. Ракометарките на Куманово поддржани од своите навивачи почнаа добро. На почетокот се играше изедначено, но гостинките брзо го преземаа водството. Првпат Металург поведе со два гола 5:3 и 7:5. Во продолжение на полувремето Куманово не успеваше да го намали водството, па на одмор се замина со негатива од 11:14.

Во второто полувреме Металург почна поорганизирано и веќе на почетокот успеа да го зголеми водството на пет гола. Веќе во 1о. минута од второто полувреме една од главните ракометарки на Куманово, Викторија Пеовска заработи повреда на коленото и мораше да ја напушти играта. По петнаесет минути игра во вториот дел Металург имаше предност 23:18. До крајот Куманово, немаше сили да се врати во игра. Металург продолжи да го зголемува водството и во 50 минута од средбата имаше водство од 26:18 и веќе ја имаше обезбедено победата.

Најефикасна во тимот на Куманово беше Александра Боризовска со постигнати седум голови. Вистински водач на екипата на Металург беше Леонида Гичевска со седум погодоци.

Со овааа победа Металург ја зголеми предността на табелата пред Куманово на пет бодови и ќе заврши провопласиран на табелата во пресрет на плеј-офот.

ЖРК КУМАНОВО – ЖРК МЕТАЛУРГ     22:30 (11:14)

Сала: СОУ Перо Наков во Куманово. Гледачи: 500. Судии: Ѓоко Колевски и Сашо Кркачев од Скопје. Делегат: Цане Куртовиќ од Скопје.

КУМАНОВО: Живковска, Трајковиќ 4, Ивановска, Пеовска 3, Боризовска 7, Дичковиќ, Шарановиќ 2, Петковска, Стојчевска, Кипријановска 1, Наумоска , Глигоријадис, Краљевска, Цветановска, Дабевска 3, Димова 1.

Седемерци: 2/4, Исклучувања: 8 мин.

МЕТАЛУРГ: Илјаз, Гугуљанова 2, Ѓорѓиевска, Владева 2, Ивановска, Гулицоска 2 Тасевска 5, Смајлоска 2, Арсениевска, Алексоска, Темелковска, Калајџиевска 6, Граматова, Гајиќ 4, Гичевска 7, Паскал.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 10 мин.