Куманово без шанси против Геониус, елиминиран уште по првиот дуел во Челинџ Купот

Иако има да се игра уште реванш средбата од третото коло во Челинџ Купот, тимот на Куманово може да го прогласиме за елиминиран уште по првиот натпревар. Кумановки загубија од холандскиот Геониус со преубедливи 15-39.

Домашните беа во игра само на почетокот на мечот, односно првите пет минути кога беше 2-2. Потоа почна да работи гостинската машина. По 15 минути веќе беше 3-11 и немаше дилеми дека до крајот само ќе се зголемува предноста на холандската екипа. На пауза се замина со 8-19 за Геонуис.

Ниту Пеовска, ниту Боризовска не можеа да го видат голот на гостинките, кои секоја грешка на Куманово ја казнуваа со лесен погодок од контранапад. Конечните 15-39 се најголемата разлика што ја имаше Геониус во текот на мечот.

Најдобри стрелци кај победникот беа Беијерс со осум и Коен со шест, додека кај Куманово се истакна Јована Кипријановска, која имаше четири погодоци. Реванш средбата е на теренот на македонскиот претставник утре со почеток од 18:00 часот.