Кузнецова за 24Ракомет: Разговарав со многу клубови, но Вардар најмногу одговара на моите желби

Во новата сезона во женската Лига на шампиони, Вардар влегува со неколку нови ракометарки, а најголемата промена ќе се почувствува на позицијата лево крило. Од таму заминаа Тамара Мавсар и Камила Херем, а дојдоа Јована Саздовска и Полина Кузнецова. Руската интернационалка важи за исклучително квалитетен играч за што зборуваат многуте награди и признанија што ги има освоено. Во моментов се опоравува од повреда, и за 2-3 месеци ќе биде повторно во старата форма, токму за почетокот на групната фаза од лигата на шампионките.

300x250

Вардар не чекаше многу да најде соодветна замена на крилната позиција. Кузнацова иако во процес на рехабилитација имаше и други понуди од клубови во Русија и Европа. Но, таа вели дека Вардар најмногу одговара на нејзините желби. Ова е нејзино прво интернационално искуство во кариерата, а во Скопје ќе биде соиграч на нејзините сонароднички Ина Суслина и Татјана Хмирова. Тренер ќе и биде Ирина Дибирова со која настапуваше заедно со Звезда Звенигород и во 2008 година беа победници на лигата на шампионите.

Зошто го избравте Вардар? Дали можеби Дибирова е главен виновник за вашиот трансфер во Скопје?

Отсекогаш ми се допаѓал овој клуб и професионалноста која ја демонстрираат во сите аспекти и тоа е главниот мотив зашто се одлучив да преминам во Вардар. Секако огромна предност за мене е и фактот што екипата е предводена од руски тренер и има руски играчи со што самата моја адаптација во новата средина ќе се одвива многу полесно.

Вардар е вашиот прв интернационален трансфер. Зошто на 30 години се одлучивте на ваков чекор?

Огромна желба ми била секогаш да заиграм надвор од Русија, но причините зошто не бев во можност тоа да го направам порано се должат на мојата бременост и повредите кои ме мачеа во минатото. Сега на некој начин се поклопија коцките и дојде вистинскиот момент за интернационален трансфер.

Што мислите за Вардар и резултатите кои овој клуб ги постигна во изминатите неколку години?

Вардар секогаш бил многу силен клуб и едноставно не можев да разберам што е тоа што и недостига на екипата за да стане шампион. Се надевам дека Дибирова ќе успее да го пронајде делот кој недостасува и Вардар конечно ќе се искачи на тронот во Европа.

Дали имавте други понуди оваа сезона?

Мојот агент разговараше со неколку клубови во Европа и Русија и повредата која ме мачи во моментов секако дека имаше свое влијание врз разговорите. Сепак, Вардар најмногу одговараше на моите желби и среќна сум што успеав да се договорам со овој клуб.

Колку е сериозна вашата повреда? Кога може да ве очекуваме назад на терен?

Се надевам дека за 2-3 месеци ќе бидам во врвна форма со која ќе бидам во можност максимално да му помогнам на клубот.

Какви се вашите очекувања од новиот клуб?

Многу сум среќна што ќе бидам дел од екипа која е составена од врвни играчи. Се надевам дека ќе успеам и јас да го подигнам нивото на мојата игра. Исто така среќна сум што ќе играм и во Лигата на Шампионите и секако ќе го дадам мојот максимум за да и помогнам на екипата да стигне до највисокото место на подиумот.