Кратко траеше полската авантура: Жига Млакар се враќа во Целје

Полскиот вицепрвак Висла Плоцк ќе претрпи голема реконструкција на ростерот по завршувањето на оваа сезона. Откако стана јасно дека на излезна врата се левиот и средниот бек Немања Обрадовиќ и Марко Тарабокија, најавено е заминување и на десниот бек Жига Млакар.

Млакар сезонава не добива голема минутажа од Хавиер Сабате, кој на таа страна го форсира Бразилецот Жозе Толедо, па сосема разбирлива е оваа одлука. Искусниот десен бек е најблиску до враќање во Целје, каде ќе остане празнина по заминувањето на Бранко Вујовиќ.

Висла неколку години по ред се обидува да ја прекине доминацијата на Келце, но не успева во тоа, па често прави играчки промени во тимот. Покрај трите потврдени заминувања, неизвесна е иднината на голманите Вихари и Борбели, како и на Томаш Гебала, кој може да се пресели во Келце. Одамна е познато дека Дан Ракотеа ќе биде замената за Момир Илиќ во Веспрем.