Кој е полош прогнозер Бабиќ или хрватските медиуми?

Хрватската ракометна репрезентација по победата над Египет во осминафиналето денес ќе има тешка задача да дојде до ново мундијалско полуфинале. Влезот меѓу четирите најдобри екипи во светот на ракометот ќе го бара преку силната Шпанија.

Она што ја загрижува хрватската јавност и медиумите е формата на „каубоите“. Во стилот „топло-ладно“ избраниците на селекторот Бабиќ одиграа одлично прво полувреме против Египет, но очајната игра во вториот дел внесе грижа во стручниот штаб на коцкестите.

Како и на минатото првенство хрватскиот селектор е центарот на вниманието на хрватските медиуми. Неговото климаво столче нема да добие трета шанса на клупата на Хрватска доколку неговите пулени не обезбедат полуфинале.

Сепак атмосферата во хрватскиот табор во пресрет на четвртфиналниот дуел е позитивна и опуштена. Редовната прес-конфереција за хрватските колеги беше можност за информирање околу состојбите во репрезентацијата, но и споделување на неколку досетки кои треба да влијаат позитивно на релациите меѓу медиумите и селекторот Бабиќ.

На крајот селекторот повторно остана покус во своите одговори, откако сакајќи да потенцира колку е неизвесен овој турнир, Бабиќ прв започна со прашање до  новинарите околу авторот на текстот во кој стои дека Унгарија е релативно лесен противник и во слаба форма. Но наместо одговор доби прашање од претставникот на „Вечерњи лист“ кој се пошегува со лошата прогноза на хрватскиот селектор и го запраша „Кој прогнозираше дека Германија ќе биде нов светски првак?“. Со шега ја започнаа, со шега ја завршија прес-конференцијата, последна пред четвртфиналниот меч.

Дали Бабиќ ќе биде лош прогнозер на можностите на хрватската репрезентација или ќе го спаси своето место меѓу „каубоите“ ќе дознаеме вечерва во последниот четвртфинален дуел меѓу Хрватска и Шпанија.

Германија и Данска се надвор од натпреварувањето откако Катар и Унгарија непријатно ги изненадија. Името на следната голема репрезентација која ќе го напушти мундијалот по четвртфиналето ќе биде познато по натпреварот закажан за 20:45.

Од Франција,
Агрон Хајредин