Котевски: Не можев да го одбијам Металург – соседи ми се

Тимот на Металург 2 кој По само една сезона мината во Прва лига се враќа во елитата и во новата сезона ќе биде предводен од Игор Котевски. Поранешниот македонски репрезентативец лани пак направи големо изненадување со Бутел Скопје и обезбеди место во плеј-оф. Битолчанецот кој веќе две децении живее во Скопје важи за тренер кој е специјализиран за „мали клубови кои прават големи работи“. Така беше со тимот на Македонија, па со Драчево и сега со Бутел. Котевски ги почна подготовките со новиот клуб Металург 2 иако  се уште го нема комплетниот тим на располагање.

„Некои играчи одат во прв тим, некои се во репрезентација и настапуваат на СП. Останатите девет играчи се тука со тимот. Левиот бек Огнен Савковиќ се врати од Тиквеш, а се засиливме и со Бојан Николовски на десно крило. Ќе видиме од првата екипа кој ќе се врати назад, но секако треба да се работи со младите играчи за да бидат подготвени за влез во првиот состав. Не бркаме резултат, не бркаме ништо, ќе играме ракомет и ќе видиме што ќе биде“, вели Котевски за 24Ракомет.

Тој ќе има тешка задача да се бори со поискусните екипи од елитното друштво во Македонија, но и минатата година со Бутел беше слична приказна како нови суперлигаши.

„И Бутел минатата сезона беше нов суперлигаш. Бутел е едно убаво минато, таму имам само убави спомени. Одлучив нешто да сменам, најискрено не сакав никаде да бидам тренер. Во Бутел барав засилувања на одредени позиции, не наидов на разбирање и тоа може да е една од причините зошто заминав од овој тим. На луѓето во клубот им посакувам сè најдобро, две години бевме заедно и постигнавме големи резултати и се надевам дека ќе бидат поголем клуб од она што беа додека бевме заедно. Животот продолжува понатаму, се надевам и тие мене ќе ме паметат по добро и по успешните резултати. Можеби во иднина некогаш повторно ќе се вратам назад“, продолжува Котевски.

Битолчанецот имаше најмалку пет понуди во текот на летото, но на крај се одлучи да дојде во Автокоманда.

„Дојдов во Металург 2, не мислев никаде да работам на друго место. Откако излезе објавата дека го напуштив Бутел имав навистина многу многу понуди од секаде. Се уморив од ракометот. Металург 2 сега ми е петта или шестта екипа каде што почнуваме од нула. Исто беше во Македонија кога бев тренер, исто така и во Драчево, во пионерите на Пролет, исто во Бутел и сега пак во Металург. Не можев да ги одбијам прво затоа што ми се соседи, второ сакам да работам со млади. Извадивме многу играчи и ги насочивме во добар правец и станаа познати ракометари. Металург има навистина добар подмладок со многу талентирани деца. Вреди да се работи, има многу работи што се пропуштени да се сработат. Ќе го кажам истото што го кажував лани во Бутел: ‘Ние ќе играме ракомет и ќе уживаме во тоа што го работиме, а кој е подобар нека не победи, кој е послаб ќе го победиме’. Немам никаков притисок дека мора да останеме во лига. Јас треба да ги научам играчите на ред, техника, тактика и дисциплина што мислам дека ќе успеам. Се надеваме дека некој од нив за година, две, три, пет ќе заигра во Германија, Шпанија или други големи европски клубови“, вели Котевски.

Неговата одлука да стане тренер на Металург 2 многумина ја протолкуваа како обид преку вториот тим да влезе во првиот.

„Немам цел да станам тренер на првиот тим. Мојата работа сега е Металург 2 и јас сум посветен на тие деца. Чекам само да се вратат играчите од репрезентација. Имам десетина дена за да видам кои играчи ќе останат кај мене, кои ќе си одат. Сигурно ќе грешат многу, тоа се млади играчи, но со годините и со желбата ќе измачиме многу екипи. Новиот тренер на првиот тим на Металург е прекрасен човек.  Навистина очекувам добра соработка. Ние сме, сепак, едно семејство. Играчите што не играат кај мене ќе играат кај него и тие што не играат кај него ќе играат кај мене. Сè во интерес на клубот. Навистина има играчи по 16, 17 години екстра талентирани, но не би можеле да се пронајдат во првиот тим бидејќи има навистина многу квалитетни ракометари. Очекувам во 3. или 4. коло Котевски да биде најголемо изненадување. Ако ги добијам двајцата играчи што ги барам од првиот тим кои мислам дека таму нема да играат навистина ќе бидеме многу добри“, продолжи Котевски.

Првичната цел на Металург 2 ќе биде да обезбеди опстанок, иако тренерот вели дека лигата е ослабена за следната сезона и дека секој може да победи секого.

„Не форсираме ништо, лигата е ослабена и ќе биде интересно. Може секој секого да победи. Можеби Охрид, Металург и Струга отскокнуваат. Другите се сите тука некаде по квалитет. Пролет е ослабен многу, Радовиш ќе биде подобра екипа од лани особено на домашен терен. Посакувам во екипата да имам играчи кои се барем 190 сантиметри, но кого ќе донесе раководството со него ќе работиме“.

Металург 2 по завршувањето на обврските на дел од играчите со националниот тим ќе биде комплетен и Котевски ќе може да се посвети на воигрување на тимот за претстојните предизвици.