Костовски: Тоа што се случи е тешко да се опише, тоа можеби е најсреќниот ден во Република Македонија

Македонскиот шампион Кометал Ѓорче Петров пред точно 15 години ја израдува македонската јавност и го донесе првиот трофеј во европските натпреварувања. Најзаслужен за огромниот успех на Кометал и освојување на првата титула во Лигата на шампионите е сопственикот Трифун Костовски кој својата визија преку  инвестирање во дотогаш непопуларниот спорт го крена ракометот во височините за денес да биде спорт број 1 во Македонија. Костовски долги години инвестираше во клубот, а во 2002 година целиот труд доби своја валоризација. Деветнаесети мај го памети секој спортски фан, а во историјата останува запишан како најсветлата точка во ракометна Македонија. Насмеани лица, полн плоштад, еуфорија радост… Токму затоа и Костовски го нарекува најсреќниот ден во историјата на Македонија .

Колку повеќе време, колку повеќе години изминуваат се појавува една носталгија по тој еден убав период. Освојувањето на титулата беше еден природен пат кој Ѓорче го помина… Имаше нешто што го движеше клубот напред. Затоа секој 19 мај ми е длабоко врежан како ден на голема радост, не само за освоената титула, туку голема радост на лицата на граѓаните на Скопје и Македонија. Тоа што се случи е тешко да се опише, тоа можеби е најсреќниот ден во Република Македонија. Граѓаните знаеја да се радуваат на нешто кое дојде природно, освојувањето на Лигата на шампионките. Титулата беше доблесно освоена, со многу грижи, со многу проблеми, но публиката секогаш беше дел од нас.- вели Костовски.

Кометал одигра три финални натпревари, а најтешката задача за секој европски тим беше гостувањето во неосвоивата тврдина Кале. Полни трибини, бројни навивачки групи сплотени во едно беа вистински кошмар за секој противнички тим.

За комитите секогаш се зборуваше како за една навивачка група која секогаш може да направи проблеми, но таа за нас значеше осми играч на теренот. Таква сплотена публика каква што тогаш беа комитите им посакувам секогаш да бидат кога ги бранат боите на своите клубови и сопствената репрезентација.

Тој 19 мај ќе остане врежан во сеќавањата на голем број Македонци, без разлика дали се љубители на спортот или не, сите се радуваа на плоштадот Македонија, кога Кастратовиќ, Будимир, Велкова, Платон, Дину, Нацева и останатите ракометарки на Ѓорче Петров го кренаа пехарот на Лигата на шампионите. Се славеше доцна во ноќта, а насмевките на македонскиот народ говореа за величината на овој успех.

Јавноста беше дел од оние кои го креираа клубот Кометал Ѓорче Петров, секогаш бевме транспаренти во нашите намери, особено кого сакаме да донесеме или да го ослободиме од клубот. Ако нешто постоело спонтано во Македонија, тоа е тој финален дуел и тој ден. Го поставивме бимот буквално во последен момент за луѓето бидејќи се појавија многу луѓе кои сакаа да го гледаат тој натпревар. Љубовта кон Кометал Ѓорче Петров треба да биде еден  патоказ како треба да се гради во нашето општевство. Мораме да го изодиме тој пат бидејќи сплотеноста е најважна работа, немавме намера да регрутираме публика, едноставно народот се идентификуваше со Кометал Ѓорче Петров. -истакна Костовски

По 15 години Трифун Костовски, креаторот на она што претставуваше Кометал Ѓорче Петров за ракометна Европа, повторно ги собра ракометарките и сите пријатели на клубот како потсетување за она што беше и печатот кој го остави во македонскиот ракомет. Галеријата можете да ја погледнете на следниот линк.