Костески: Одигравме катастрофално, но мора да дадеме максимум против Португалија

Најефикасниот ракометар во редовите на Македонија, Ненад Костески иако постигна осум гола на дуелот против Јапонија, сепак, тоа не беше доволно за да се избориме за нешто повеќе. Поразот од 22:31 во игра која беше убедливо најлоша досега е голем удар за кадетите.

„Се подготвувавме за овој последен меч. Ни значеше на кое место ќе завршиме. Не знам што се случи. Изигравме катастрофално. Ова беше најлошиот натпревар кој го одигравме на првенството. Јапонија дефинитивно не надигра“, коментираше после натпреварот, Костески.

Тој смета дека не се загубени шансите за пласман во четврт-финалето, но ќе мора да се одигра убедливо најдобриот натпревар на првенството за да се исполни зацртаното и да се дојде до место меѓу најдобрите осум.

„Португалија заврши како прва во групата Д. Мора да ги кренеме главите горе и да се подготвиме најдобро на тој дуел и да го дадеме максимумот. Мораме да го одиграме најдобриот натпревар на првенството и да се избориме за победа“, изјави десното крило на репрезентацијата на Македонија.