Костески за 24 Ракомет: Остваривме важна победа, со ладни глави на нова и против Луксембург

Македонија стартуваше со победа и бодови на ЕХФ-шампионатот, а денеска ја совлада Литванија со 32:30. Во интересен натпревар кадетите од Македонија покажаа високо ниво и најавија добар турнир на кој би можеле да се борат за висок пласман.

Во текот на целата средба Македонија беше во предност, а во еден период имаше и шест гола кои најавуваа триумф на овој меч.

Десната страна во тимот функционираше неверојатно. Играчот на крилната позиција Ненад Костески одигра еден од своите најдобри натпревари во репрезентативниот дрес и постигна дури 11 гола.

„Задоволен сум од прикажаната игра на денешниот натпревар од нашата репрезентација. Во одредени моменти на средбата имавме високо водство, но имавме и неколку падови во текот на мечот. Сепак, издржавме до крајот и ја остваривме целта и стартувавме со победа на средбата против Литванија. Тоа беше првата и најважната цел која успеавме да ја оствариме. Победата ни беше потребна и се надеваме дека ќе продолжиме во ист стил и на следните натпревари“, вели Костески за 24 Ракомет.

Неговата добра игра отвора простор и за капитенот Мартин Серафимов, а десната страна денеска успеа да стигне дури до 20 од 32 гола на репрезентацијата. Тоа ќе биде сигурно и ударната сила и утре на средбата против Луксембург која се игра од 13 часот.

„Мораме да бидеме со ладни глави и така да излеземе на утрешниот натпревар против Луксембург. На таа средба треба да ги покажеме нашите квалитети. Одиме чекор по чекор на овој турнир. Луксембург на име можеби не делува опасно, но се работи за силен противник кој не смееме да го потцениме. Ние ќе го покажеме најдоброто од нас на теренот и ќе се бориме до последната секунда. Се надеваме дека без некои поголеми проблеми ќе успееме да ја добиеме и селекција на Луксембург што ќе биде одлично за нас“, коментираше Костески.

Луксембург денеска исто така се избори за победа. Во 1. коло оваа селекција славеше со 32:26 против Фарските острови, па утрешната пресметка со Македонија ќе биде важна. Затоа на кадетите е да го дадат максимумот и доколку победат веќе ќе имаат убав бодовен биланс пред останатите три средби од групата А.