КОМЕНТАР: „Црвено-црниот“ крај, патоказ кон нов почеток за ЕХФ

Малкумина Македонци останавме во Будимпешта по вчерашното финале. Сеќавањата сè уште свежи, во воздухот се чуствува суровоста на Будимпешта, времето како создадено за овој коментар сонце, а ладно. Се врти филмот од првите шеесет минути што можеше да биде, а некако не сакаше…

300x250

Овојпат ќе пишувам како навивач, како ракометен ентузијаст, како некој кој посвети многу време на девојките во „црвено-црните“ дресови. По петти пат од Будимпешта ги пакувам куферите со горчина, овојпат многу посилна бидејќи знам дека е за последен пат.

Со никаква намера да навлегувам во судиските одлуки на и онака контраверзните сестри од Франција, се прашувам која е насоката по која ќе се движи женскиот ракомет во иднина. Не пишувам за Македонија, тука веќе се е јасно, замина последниот блесок светлина во морето на просечноста. Пишувам за европскиот и светскиот ракомет.

Барем на десетина прес-конференции претседателот на ЕХФ ги изговорил своите флоскули за целта да го израмни машкиот со женскиот ракомет. Се прашувам како? Со делегирање на судии кои не можат да судат во машките лиги, кои се учат или преку женската лига се обидуваат да си го најдат место во машкиот европски ракомет? Се повторуваат судиски парови кои низ своето резиме имаат бројни контраверзни натпревари. Женската лига делува како полигон за тестирање на судиски парови. Па дури и ИХФ ја прифати оваа фарса. Освен Французинките делегираше и Норвежанки на официјалните турнири во своја организација. Дали единствен услов за да влезете во експериметите на ИХФ е да се биде жена судија? Што всушност прави судиската организација? Да не сум сфатен погрешно, не коментирам тенденциозност туку критериум или негов недостаток. Се прашувам со што заслужиле сестрите Бонавентура толку високи почести. Сите очекувавме да ги снема од европската мапа по олимпиското финале во Лондон, наместо тоа добија награда од националната федерација па им се случи дебакл во првата машка лига на Франција. А ова не е единственото финале кое го суделе во европските купови… Дури ни експериментот на машкиот мундијал во 2017 не се покажа како продуктивен за „судијките“. Како да се крене нивото на ракометот кога за ракометните судии се воведе поимот „специјалци“? Многу прашања кои бргу ќе се заборават, а нема да има одговор каде ќе биде женскиот ракомет за пет години.

Додека го затворавме новинарскиот центар во Ласло Пап разговорот меѓу македонските новинари многу често започнуваше со зборот „зошто“. Пари, моќ, влијание, забава, или едноставно сигурност…Прашањата никогаш нема да бидат одговорени. Фактите не можат да се променат, Унгарците ја славеа победата на својот тим, а македонскиот ракометен гигант како и оној пред него ќе замине во историјата. Името ЖРК Вардар ќе го паметиме по убаво.

Без разлика што не го допреа врвот, изминативе пет години беа доволно блиску за да нè направат горди, да нè натераат да ги извикуваме нивните имиња со воодушевување, да нè наежат и да нè растажат, а секогаш да бидат во врвот. Лекиќ, Пенезиќ, Лазовиќ, Радичевиќ, Дембеле, Цвијиќ, Суслина, Лејно, Ѓокиќ, Алтхаус, Пино, Херем, Фернандез… имиња кои ја создадоа новата скопска приказна во женскиот ракомет. Траеше кратко, но остави огромен белег. Сега останува да видиме каква визија имало раководството на клубот, дали ги искористиле сите светски ракометни ѕвезди да привлечат нова генерација квалитетни и талентирани ракометарки или женскиот ракомет сè уште со носталгија ќе се присетува на Нацева, Кастратовиќ, Радуловиќ…

Едно е сигурно додека завршниот турнир е во Будимпешта, Унгарија ќе слави уште многу титули. Шоуто мора да продолжи, Вардар ќе го нема за прв пат по пет години, а европскиот шампион ќе остане прв (можеби и единствен) фаворит за титулата. Ако во црното може да се најде нишка сивило, тоа е транасферот на  Амандин Лејно во Ѓер. Бидејќи ако некој заслужува титула тоа секако е Дуду.

ПИШУВА: Петар Шимлеша