Колев добива светски засилувања: Торстенсон и Мартин го менуваат ЧСМ Букурешт за Ница

Шведската репрезентативка Линеа Торстенсон и шпанската репрезентативка Кармен Мартин на крајот на сезоната го завршуваат својот престој во европскиот шампион ЧСМ Букурешт и ќе се преселат во тимот на Ница, кој е предводен од македонскиот стратег Марјан Колев.

Торстенсон дојде во ЧСМ од составот на Крим и имаше проблеми со повреди, па не го покажа својот потенцијал во романскиот тим. Во Букурешт следната сезона доаѓа Неагу, а на таа позиција игра и Ниомбла, па Торстенсон немаше да има голема минутажа.

Мартин, како и Торстенсон дојде во Букурешт од Крим. Таа е една од главните ракометарки во европскиот првак и секогаш меѓу најефикасните. Интересно е што двете ракометарки трет пат по ред, заедно ќе играат во ист клуб, откако тоа беше случај во Крим и во Букурешт, сега ќе бидат двете дел од Ница.

Ница, која од клупата ја води Марјан Колев, сезонава главно игра со млади ракометарки, па нема сомнеж дека со ангажманот на Мартин и Торстенсон, ќе добие на искуство и ќе има шанса да се бори со Мец, Нант, Брест за високите позиции во францускиот шампионат.