Кокшаров разочаран од Дејвис: Тотално непрофесионално, преговараше зад нашиот грб

Спортскиот директор на Вардар и селектор на Русија, Едуард Кокшаров во последното интервју за руските медиуми го коментира заминувањето на Давид Дејвис на позицијата селектор во Египет, а тој не е задоволен од начинот на кој се случило ова заминување.

Според Кокшаров, Дејвис разговарал зад грбот на Вардар и на Русија односно не информирал никого дека планира да работи во репрезентацијата од Африка.

„Разговорот не е пријатен за мене. Жал ми е што се случи ова, но Дејвис постапи сосема непрофесионално и погрешно и во однос на клубот и во однос на репрезентацијата на Русија. И во клубот и во националниот тим имавме сериозни планови со него и ова е навистина лошо. Тој преговараше зад нашиот грб и не извести откако сè веќе беше готово. Сепак, тој е господар на својата судбина и неговата репутација. Не можеме да му забраниме што ќе работи. Услов на договорот со Египет е да престојува во земјата и да нема други обврски.

Па сега во стручниот штаб двата тима ќе мораме да ги затвориме ненадејните празнини. Во Вардар, Шпанецот ќе остане до крајот на сезоната. Тој ми ја понуди оваа опција и за репрезентацијата на Русија. Но, мислам дека, од морална гледна точка ќе биде погрешно да се продолжи соработката по она што се случи. Во кампот на репрезентацијата на Русија, за време на подготовките за бараж-натпреварите во јуни за Светското првенство против Чесите, Дејвис ќе го нема.“, коментира Кокшаров.

Во однос на иднината на позицијата помошник во репрезентацијата на Русија, Дејвис нема да биде на собирот и на натпреварите во баражот против Чешка. Тој повеќе не е дел од овој национален тим. Неговото место засега ќе го заземе тренерот на голманите, Игор Левшин.

Што се однесува до Вардар ќе ја одработи сезоната до крај, а потоа најверојатно и тука ќе биде завршена соработката. Останува да се види кој ќе биде помошник на Роберто Парондо во следната сезона.