Кокшаров на две столчиња: Селектор на Русија и спортски директор во Вардар

Некогашниот европски првак со Целје Пивоварна Лашко, а сегашен спортски директор на Вардар, Едуард Кокшаров ќе биде нов селектор на машката руска репрезентација. Тој доаѓа на местото на Димитри Торгованов, кој со машката репрезентација на Русија не успеа да се пласира на ЕП 2018 година во Хрватска. Сезонава Кокшаров ја водеше женската екипа на Вардар заедно со Ирина Полторацкаја. Сепак, според Извршниот директот на Вардар, Давор Стојаноски, оваа функција нема да влијае на неговиот ангажман во машката екипа.

„И покрај ангажманот на Кокшаров како селектор на руската репрезентација, тој и во иднина ќе ја извршува функцијата спортски директор на Вардар.“ – кратко изјави Стојаноски за 24Ракомет.

Покрај Кокшаров, и сопственикот на Вардар, Сергеј Самсоненко, ќе има функција во рускиот ракомет. Тој нема да биде само координатор на машката ракометна репрезентација на Русија, туку ќе го добие и местото потпретседател на Руската ракометна федерација.