Клуж живее за легендите, но не и за ракометниот двобој денеска

Пред натпреварот меѓу Романија и Македонија владее мирна атмосфера, а вчера не можеше да се забележи дека денеска ќе има бараж натпревар. Со исклучок на неколку лица кои си ја извршуваа својата задача во салата дури немаше ниту лица кои требаше да одговорат зошто во салата не е пуштена климата кога температурата беше висока.

300x250

Атмосферата низ градот е нормална, а никаде не може да се забележи дека денеска ќе има бараж пресметка. Романците, а особено спортските работници во Клуж се насочени кон настаните на 15 и 16 јуни кога во градот ќе има два големи меча. Во првиот ќе има пресметка меѓу легендите од Романија и светот од тенисот, додека на 16 јуни генерацијата на Георге Хаџи ќе се сретне со легендите на Барселона на фудбалскиот терен.

Веројатно организацијата е целосно насочена кон тој натпревар, па затоа и нема некоја тензија во однос на средбата меѓу Романија и Македонија. Дури и фактот дека натпреварот ќе се игра во помалата сала, а не во далеку поубавата каде ќе има и поубави услови за двете екипи, нема да биде проблем.

За денеска се очекува температурите да бидат пониски и да има подобри услови во салата отколку вчера се тренираше во сала во која тешко се дишеше.