Клубот на „Диви“ во проблеми: Турската ракометна федерација не одобри настап за Анталијаспор

Со одлуката донесена на редовното собрание на Турската Ракометна Федерација (ТРФ), а објавена преку официјално соопштение на 13.07.2017, за наредната сезона најсилната ракометна лига нема да ги брои екипите на Анталијаспор и Амасја Ташова. Како што пишува во соопштението на ТРФ, управата на Анталијаспор не платила котизација за наредната сезона и затоа нема да има право да се натпреварува во најсилната ракометна лига во Турција.
За составот на Анталијаспор оваа сезона потпиша македонскиот голман Петар Ангелов, а покрај искусниот чувар на мрежата во обид да се формира квалитетна екипа управата донесе уште еден одличен бек во името на Александар Стојановиќ.
Сè уште неизвесно е дали ТРФ би можела во наредните неколку недели да и прогледа низ прсти на екипата од Анталија или можеби тоа ќе значи згаснување на уште еден клуб во Турција. Дел од локалните медиуми пишуваат дека Анталијаспор сепак ќе настапи во најсилното турско ракометно првенство, а како поткрепа на тезата ги цитираат изворите во федерацијата, кои се оптимисти дека и со задоцнета уплата на котизацијата клуот од Анталија ќе обезбеди место меѓу најдобрите 13 екипи.
Иако се можни промени, за сега официјалниот став на федерацијата е потврда на новата сезона во која ќе се натпреваруваат најдобрите 12 турски екипи, а идентичен формат ќе има и женскиот дел од лигата. Таму лиценца за настап не успеаа да изборат ГСК Ардешен и Ескишехир Хентбол.