Клубовите го дигнаа гласот: Нема ваучери од АМС – нема Прва лига!

На денешниот состанок во просториите на Ракометната федерација на Македонија, меѓу дел од прволигашките клубови, генералниот секретар на РФМ – Филип Милошевски, и претставникот од АМС – Огнен Стојановски, сите инволвирани страни ги искажаа своите ставови во поглед на ваучер системот. Во ракометот, само суперлигашите добија ваучери, додека ниту еден од прволигашите не беше на листата на АМС.

„РФМ ја поддржува иницијативата и смета дека не е добра распределбата на средствата, клубовите заслужуваат подобар третман“, кажа Милошевски.

Се огласи и тренерот на Риниа, Љуљзим Исмаили.

„За нас маченици, кои со години работиме на тоа да опстане базата, ракометните школи, Академиите и младите категории, ако АМС се грижи за масовност, тогаш треба тоа да го покаже и на дело и за нас да има некоја културна сума со која ќе ни се помогне. Да добиеме и ние некоја инфузија, мора да се мисли и на нас. Промена на законот за данок со фирмите ги одвраќаат фирмите од спонзорство. Имавме последна надеж дека АМС ќе помогне нешто, ова е расадникот и мислам дека треба да мислите и на нас“, кажа Исмаили.

Слични се ставовите на претставниците од Македонија Ѓорче Петров, Куманово, Работнички и Аеродром, Тони Зафировски,  Игор Клековски, Агрон Хајредин и Дарко Петровски. Тие најавија иницијатива дека нема да играат во Првата лига доколку не им биде доделен ваучер.

Претставник од Агенцијата за млади и спорт беше Огнен Стојановски.

„Јас сум член на централна комисија за воведување на ваучер, кој требаше да биде дополнителна поддршка за клубовите, но со промената на Законот за спорт од Министерството за финансии, се случи да тој ваучер биде главно средство за клубовите. Законот е така искреиран, секоја федерација, клуб и спортист да добиваат бодови за своите постигнувања во сите натпреварувања и врз основа на нив се врши распределбата на финансиите. Ќе ги имаме сите забелешки во предвид и ќе бидат до комисијата“, изјави Стојановски.

Каков ќе биде исходот од овие преговори ќе биде познато наскоро.