Кире Лазаров за 24 Ракомет: Ќе биде тешко, но местото на Македонија и е во првиот ешалон

На првиот меч на јуниорската репрезентација на Македонија на трибините можеа да се видат многу познати лица меѓу кои беа и некои селектори и тренери кои веќе поседуваат и највисока тренерска лиценца „Мастер тренер“. Сепак, главното внимание го доби капитенот на репрезентацијата Кире Лазаров, кој дојде да ја види иднината на македонскиот машки ракомет.

Тој им даде поддршка на јуниорите за првата победа и одличниот старт на шампионатот, а после овој натпревар даде свое видување за 24 Ракомет.

„Секогаш мора да постојат нови генерации и да се мисли на иднината. Мислам дека имаме квалитет и традиција и талент. Сега е потребна една добра стратегија и максимална квалитетна работа и таа работа да вроди со плод. Има деца, а базата се проширува од година во година. Тоа е многу важно и мораме да работиме на тоа. Мораме да вадиме квалитетни ракометари за да имаме добар репрезентативен ракомет и во следните 15-20 години“.

Во однос на првиот меч и за она што може да се направи на овој турнир, тој смета дека овие момци треба да ги поправат работите и да ја вратат Македонија онаму каде што и е местото.

„Британија не е мерило. Нема да биде воопшто лесно на овој турнир без разлика што не ги гледав другите селекции. Секоја репрезентација има квалитет. Мора  да се биде силен и концентриран и да се проба да се вратат на големата сцена. Грешката која е направена каде што сме сега во Б дивизијата да се поправи. Имаме квалитет и како ракометна нација заслужуваме да бидеме во првиот ешалон“, коментираше Лазаров за 24 Ракомет.

Тој го има последниот слободен викенд пред стартот на подготовките за новата сезона, па веќе е време за да почне со работа за новиот шампионат кој ќе биде и долг и напорен. Инаку, слободното време му дозволи да го погледне само првиот меч бидејќи следниот дуел Македонија го игра в понеделник, но тој тогаш ќе биде на првиот тренинг со колегите од Нант.