Кире Лазаров за 24 Ракомет ТВ: Вардар има голема предност против „ранетиот“ Монпелје (ВИДЕО)

Капитенот на репрезентацијата на Македонија, Кире Лазаров повторно е на Ф4 турнирот во Келн, но овој пат со екипата на Нант, која на овој турнир е сметана како екипа која е аутсајдер во споредба со Вардар и со ПСЖ.

Сепак, никој не смее да биде отпишан предвреме, а самиот факт што притисокот не е на грбот на ракометарите бидејќи никој нема кажано дека неосвојувањето титула ќе биде неуспех. Затоа ова може да биде предност.

„Првпат сум тука со екипа која не е афирмирана. За разлика од минатите години сега немам притисок дека треба да ја освоиме титулата. Немаме што да загубиме. Ќе се обидеме да одиграме квалитетно, храбро и доколку имаме шанса да го изненадиме фаворитот“, изјави Кире Лазаров за 24 Ракомет.

Со оглед на тоа дека настапува во првенството на Франција и добро ги знае и ракометарите со кои Вардар ќе се соочи утре смета дека „црвено-црните“ ќе имаат голема предност на теренот.

„Монпелје имаше одлична сезона и не знам како се случи да ја загубат титулата. Не знам каква е нивната психолошка состојба и веројатно паднаа во последно време малку на физички план. Се работи за француски менталитет и нема да жалат. Вардар има голема предност утре против Монпелје, но дали ќе го искористи тоа ќе видиме утре“.

Комплетната изјава можете да ја проследите во видеото во продолжение.