Кил се мачеше против Лајпциг, но ќе игра финале во германскиот Куп

Ракометарите на Кил се првите финалисти во германскиот Куп, откако славеа над тимот на Лајпциг со 32:35 и ќе се борат за трофејот со подобриот од дуелот меѓу Рајн Некар и Фленсбург. Во првото полуфинале од Ф4 турнирот кој се игра во Хамбург, Лајпциг отвори одлично и поведе со 5:1, но Екберг погоди на два пати за 6:3, а „зебрите“ ја пдообрија играта во нападот и израмнија на 6:6 во 11 минута. Тимот предводен од Кристијан Прокоп повторно се одлепи и поведе со 11:7, но Кил пак се врати и стигна до реми 12:12. Потоа се играше гол за гол, пред Руне Дамке да го донесе првото водство за „зебрите“, 16:17. До крајот на полувремето се играше гол за гол, 19:19.

Во вториот дел ново лице на ракометарите на Кил. Тие го диктираа темпото и уште во 35 минута стигнаа до предност од 19:22. Лајпциг секогаш беше тука некаде, во неколку наврати се доближи и минус 1, но не можеше да го направи завршниот чекор. Искусна екипа како Кил, знаеше како рутински да ја одигра завршницата од овој дуел и успеа да победи со 32:35. Најдобар поединец во победничкиот тим беше Никлас Екберг со 12 голови, додека кај Лајпциг се истакна Биндер со 7 голови.