Келце ја одби поканата да игра во СЕХА-лигата

Претседателот на тимот на Келце, Бертус Сервас во својата последна изјава стави до знаење дека шампионот на Полска во моментов не е подготвен да влезе во СЕХА-лигата и да го остави домашното натпреварување во втор план.

После состанокот меѓу Сервас и водечките лица на ПГНиГ Супер лигата на Полска, Марек Јаницки и Хенрик Шчепански стана јасно дека нема да има договор меѓу Келце и СЕХА.

„Во следните неколку години прашањето за нашето учество во СЕХА-лигата е затворено. После состанокот којшто го имавме со водечките лица на најсилната лига во Полска стана јасно дека во моментов не сме подготвени да влеземе во СЕХА. На прво место за нас и далеку повредно е играњето во домашното првенство. Сакаме да продолжиме со развојот на Супер лигата и на ракометот во Полска и затоа сум со многу позитивни размислувања за иднината. СЕХА-лигата не е во нашите планови и ние нема да играме во неа ниту во следните години“, коментираше претседателот на Келце, Бертус Сервас.

Овој тим во следната сезона во своите редови ќе го има и сега веќе екс-ракометарот на Вардар, Лука Циндриќ, а на 29 јуни ќе ги дознае противниците со кои ќе се соочи во Лигата на шампионите од септември.