Келце не може да крене глава од повреди: Мамиќ нема да игра против Вардар

Полскиот шампион Келце ќе биде дополнително ослабен на пресметката против Вардар в недела, во натпревар од петтото коло во Лигата на шампионите. Тренерот Талант Душебаев нема да може да смета на услугите на хрватскиот репрезентативец Марко Мамиќ. Тој беше повреден, се врати во ростерот, но ја обнови повредата.

„Јас сум виновен за тоа што се случи. Мојот став беше дека Мамиќ треба да паузира до крајот на месецов, слушам премногу луѓе и сега скапо платив за тоа што ги послушав. На крајот јас сум тој што ги носи одлуките и затоа јас сум виновен, што Мамиќ ќе пропушти уште натпревари и жал ми е поради тоа“, вели Душебаев.

На неделниот меч со Вардар, Келце нема да ги има во ростерот ниту МариушЈуркиевич, Владислав Кулеш, но ќе играат поранешните вардарци Лука Циндриќ и Алекс Душебаев.

Натпреварот меѓу Келце и Вардар се игра в недела, со почеток во 17:00 часот, а според информациите од полските медиуми, сите билети се распродадени и домашните ќе имаат голема поддршка против „црвено-црните“.