Валеро Ривера со лекција за Давид Дејвис, Катар подобар од Египет

Поразот од Ангола ги освести ракометарите од Катар, па денеска во 2. коло од Групата Д покажаа далеку поинаква игра и успеаја да дојдат до триумф против далеку потешкиот ривал од Африка, Египет со 28:23.

Катар немаше друг избор освен да влезе далеку посериозно во натпреварот. Од стартот се обиде да наметне свое темпо, но Египет успеваше долго да одолева на нападите исто како и против Шведска. Дури во финишот од првото полувреме, Катар успеа да зададе удар и да дојде до предност од 15:12 на одмор.

Во вториот дел, Египет на кратко се врати, но Катар направи серија од шест гола со што си обезбеди мирна завршница. До крајот на средбата Египет се обиде само да го ублажи поразот, но не одеше најдобро. Катар знаеше како да остане во резултат кој гарантираше два бода па успеа да издржи.

Јусуф Али со девет гола беше прв стрелец на средбата, а зад него со шест гола остана Франкис Марцо. Кај Египет, Давид Дејвис ги имаше расположени само Ахмед Елахмар (6) и Мохамед Шебиб (5).

Ваквиот епилог го врати Катар во битката за втората фаза, но сега доаѓа поголемиот предизвик во кој прво утре треба да се одигра со Унгарија. Египет, пак, шанса за први бодови ќе бара против Аргентина, а тоа ќе биде исто така тешка средба.