Карачиќ за 24 Ракомет ТВ: Ако останеме и без квалификации за ОИ ќе биде катастрофа (ВИДЕО)

Ракометарот на Вардар, Игор Карачиќ е единствениот кој имаше шанси за полуфинале на Светското првенство, но после денешниот пораз му остана со своите колеги од Хрватска да се бори единствено за пласман во олимписките квалификации.

Карачиќ беше еден од оние кои беа најнервозни во финишот и имаше реакции кон судиите, но после мечот во изјава за 24 Ракомет ТВ сосема смирено го искажа своето видување за средбата.

„После овој натпревар ниту еден човек во Хрватска, но ниту еден во нашиот стручен штаб не може да ни приговори за играта на овој натпревар. Го оставивме срцето на терен и се боревме како лавови еден за друг. Ни недостигаше малку среќа на крајот, а за друго не сакам да коментирам. Мораме да се собереме и да одиграме до крај на ниво за да дојдеме до квалификации бидејќи за хрватскиот ракомет би било катастрофа да не пројдеме во нив“, изјави Карачиќ за 24 Ракомет ТВ.

Хрватска има уште една средба од групната фаза против Франција, а на тој меч ќе се борат за место во олимписките квалификации бидејќи доколку завршат на 5. место во групата можат да останат без нив.