Карабатиќ и Неагу се најдобри во светот

Ракометарот на ПСЖ и француски репрезентативец Никола Карабатиќ, по третпат во својата кариера е прогласен за најдобар светски ракометар во изборот на ИХФ. Исто така и романската репрезентативка Кристина Неагу, која игра за Будуќност по третпат се закити со престижната титула.

Илјадници ракометни фанови гласаа во изборот за ракометар/ка на годината. Нивните гласови, како и гласовите на ракометните експерти и селекторите на националните тимови ги дадоа победниците во двете конкуренции.

Карабатиќ претходно оваа награда ја доби во 2007 и 2014 година, додека Неагу беше најдобра и во 2010 и 2015 година. Францускиот бек признанието го доби убедливо пред Андреас Волф од Германија, Микел Хансен од Данска, Домагој Дувњак од Хрватска и Сандер Сагосен од Норвешка.

Кај дамите Кристина Неагу немаше многу голема предност пред другите, но успеа да биде пред Нора Морк од Норвешка и Нике Грот од Холандија, како и пред Изабел Гулден од Шведска и Кари Грисбо од Норвешка.