Камбек на „министерот“: Борко Ристовски се враќа во националниот тим!

Раул Гонзалес го објави првиот список како македонски селектор. Тој до РФМ достави листа од 28 ракометари, од кои ќе се бараат 16, што ќе настапат на двата квалификациски дуели со Исланд. Новиот кормилар го враќа во националниот тим голманот на Барселона, Борко Ристовски, кој заедно со Мартин Томовски, Кирил Колев, Никола Митревски и Даниел Ѓорѓески ја сочинуваат петорката меѓу стативите. Во споредба со СП во Франција, го нема Благојче Трајкоски од Охрид.

Во споредба со поширокиот список за Мундијалот, на овој ги нема левото крило на Металург, Давор Палевски, бекот на Ферлах Ристо Арнаудовски, Мартин Манасков од Вардар Јуниор, Ласко Андоновски од Пролет, Бојан Маџовски од Пелистер и Јовица Младеновски од Охрид. Камбек имаат голманите Ристовски и Томовски, како и Ацо Јоновски и Немања Прибак, додека нови имиња на списокот се Дарко Димитриевски, Костадин Петров и Владо Недановски.

34-годишниот голман на Барселона е меѓу петте ракометари со најголем број настапи во националниот состав на официјални натпревари. Првиот меч против Исланд се игра во Скопје на 4 мај, додека втората средба во Рејкјавик е закажана за 7 мај. До крајот на квалификациите за ЕП, Македонија ќе игра уште против Украина на гостински терен и против Чешка дома, во натпревари кои ќе се одиграат на средината на јуни.