Калараш се враќа во Вардар! (ФОТО)

Европскиот шампион Вардар во следната сезона најверојатно ќе има на располагање четири кружни напаѓачи. Рускиот репрезентативец Глеб Калараш доаѓа вечерва во Скопје и од утре би требало да му се стави на располагање на стратегот Давид Писонеро.

Калараш потпиша со Мотор Запорожје, но не ги помина подготовките со украинскиот клуб и остана да тренира во Запорожје со вториот тим, додека првотимците беа во Словенија и Хрватска. Откако Вардар стана европски првак тој се премисли и сакаше да остане во Скопје, но така не мислеа од Мотор и не го пуштија во прв момент.

Двете екипи преговараа, во прв момент не се договорија, но сега Калараш е слободен играч и може да го продолжи својот престој во европскиот првак. Писонеро ќе има на располагање четири пивотмени – Сикошек Пелко, Горпишин, Стоилов и Калараш.