Како до Порто: Охриѓани патуваат и со автобус и со авион за да стигнат по 21 час во Португалија

Ракометарите на Охрид минатата сезона го направија најголемиот успех во клупската историја, откако завршија на првото место во регуларниот дел од сезоната во Суперлигата. Како награда за тоа, добија настап во второто по ранг европско клупско натпреварување, Купот на ЕХФ.

300x250

Избраниците на Горан Андоновски во двомечот со холандксиот Волендам беа подобри за 1 гол и заслужено се пласираа во второто квалификациско коло. Таму ги чека португалскиот вицепрвка Порто, кој има состав со кој би можел да игра и во послабите групи од Лигата на шампионите.

Охриѓани ја прифатија понудата на Порто, двата меча да бидат одиграни во Португалија, пред се поради финансиски причини, па на охридската публика ќе и биде скратено задоволството да го гледа својот тим барем на уште еден европски меч.

„Гладијаторите“ својот пат до Порто го започнаа на полноќ, откако се упатија со автобус од Охрид до Белград, каде имаа можност да одморат неколку часа, пред во 14:40 да се качат на летот за Цирих. По пристигнувањето во швајцарскиот град, уште малку одмор и во 18:00 часот има ново прекачување, за конечно да се упатат до Порто, каде би требало да пристигнат до 20:40 часот.

Тоа подразбира пат од скоро 21 час, но ракометарите ќе имаат еден ден за одмор, пред да се одиграат натпреварите в сабота и недела, со почеток од 16 часот.