Каква само трка за титулата во Франција, и сето тоа помеѓу Ф4 турнирот во Келн

Француската ракометна лига полека но сигурно прераснува во една од најинтересните во Европа, а доказ за тоа се резултатите и борбата за титулата.

300x250

Ракометарите на ПСЖ стигнаа до нов убедлив  триумф против Аикс 33-22, по кој со 41 бод се израмнија на првата позиција на табелата со екипата на Монпелје. Но, противникот на Вардар во полуфиналето на Ф4 турнирот во Келн, се уште ја има предноста на своја страна бидејќи има еден натпревар помалку кој треба да го одигра денеска. Ракометарите на Патрис Кабаје вечерва од 20 часот и 45 минути се наоѓаат пред голем предизвик бидејќи го играат дербито против Нант и Лазаров, каде со евентуален триумф би ја задржале предноста од два бода, и на две кола до крајот би се нашле во пол-позиција за освојување на титулата.

На вчерашниот дуел против Аикс кој го добија со 33-22, ракометарите на ПСЖ дури во второто полувреме успеаа да го скршат отпорот на жилавите гости. Скоро цело прво полувреме Аикс диктираше темпо и го имаше водството на своја страна, а со двата погодока од пенал на Генсхајмер во последната минута, ПСЖ замина на полувреме со водство од 15-13.

Гостите се држеа и во воведните шест минути во второто полувреме кога имаа нерешени 18-18, по што следуваше серија од 7-0 за ПСЖ по која поведоа со 25-18 и ги решија сите дилеми за победникот на овој натпревар. Ракометарите на Сердарушиќ продолжија со силно темпо,на десетина минути  до крајот стигнаа и до двоцифрена предност од 30-20, а конечниот резултат гласеше 33-22.

Најпрецизен во редовите на францускиот шампион беше Уве Генсхајмер со осум гола ( 4 од пенал) а еден помалку имаше десниот бек Ремили. Одличен натпревар одигра и норвешкиот интернационалец Сандер Сагосен кој имаше 6 погодоци од седум упатени удари кон противничкиот гол (85,7% реализација).

Во следното претпоследно коло ПСЖ на 19 мај ќе му гостува на Трембле, а екипата на Монпелје на 22 мај исто така оди на гостински терен против екипата на Сент Рафаел.