Кадетите почнаа како што посакуваа, ја надиграа Литванија на ЕХФ-шампионатот

Репрезентацијата на Македонија до 18 години стартуваше со победа на ЕХФ-шампионатот во Грузија откако денеска во 1. коло ја совлада селекцијата на Литванија со 32:30 во меч во кој во најголемиот дел имаше позитива која најчесто се движеше од три до четири гола.

Уште на стартот од средбата се виде дека Македонија може да се надигрува со Литванците и дека има поквалитетен состав. Имаше мал грч кај момците и веројатно им требаа пет минути за да се опуштат, но добро е што не дозволија противникот да направи разлика. Литванија поведе со 3:1, но брзо беше вратена наизвесноста. Со четири гола во серија Македонија поведе со 5:3 во 8. минута и дојде до контрола на резултатот.

Во продолжение од средбата Литванците успеаја да израмнат. Се изборија за 6:6, но потоа Македонија одново поведе со два гола и на средина од првото полувреме имаше 8:6. Во 19. минута одново беше нерешено, 9:9, но тука следуваше игра без голман на Литванците и одлична одбрана на Македонија за 13:10 во 21. минута по што беше многу полесно да се игра.

Кизиќ имаше пет одбрани на дуелот против Литванија

Ако во првите 20 минути Костески и Серафимов беа тие кои го задаваа ударот на противникот, после ова следуваше помош и од другите позиции, па дојде до повеќе можност за комбинирање и Македонија постојано го зголемуваше водството за да застане на највисоките шест гола на крајот од првото полувреме и да има 19:13.

Во овој дел од средбата Костески беше незадржлив и постигна дури осум гола, додека Серафимов беше зад него со шест погодоци.

Второто полувреме не одеше во ист стил како првото. Имаше проблеми во одбраната, а противникот лесно успеваше да дојде до позиција за да избори седум метри. Литванија практично се доближи со добро изведување на пенали, а тоа не одеше во прилог. Противникот дојде на два гола негатива, 21:19 и успеваше ова да го одржи до средината на второто полувреме, кога беше намалено и на еден гол, 25:24 и тука мораше нешто да се менува во играта.

Симоноски имаше тешка битка со одбраната на Литванија

Добро беше тоа што во тие моменти дојде до консолидација. Нападот за нерешен резултат на Литванија не беше искористен, а потоа дојде до ново фаќање на ритам во нападот и Македонија успеа да се избори за нова предност од три до четири гола. Оваа позитива се чуваше до крајот кога беше заверена првата победа на турнирот и обезбедени важни бодови за убав старт.

МАКЕДОНИЈА – ЛИТВАНИЈА   32:30 (19:13)

Сала: Олимписка во Тбилиси. Судии: Андреј Чарзан и Михал Јанас од Полска. Делегати: Исгандар Асгаров од Азербејџан и Шломо Коен од Израел.

МАКЕДОНИЈА: Кизиќ (5 одб.), Василевски (4 одб.), Тодески, Божиновски 2, Карапалески 1, Каковски, Кондев 2, Серафимов 9, Митиќ, Костески 11, Ѓорѓиев 1, Џигероски 4, Анѓелковски , Ќосевски, Витанов, Симоноски 2.

Седмерци: 2/4, Исклучувања: 6 мин.

ЛИТВАНИЈА: Пакалнискис (5 одб., 2 сед.), Таврукас, Сакалис (2 одб.), Сарканас 1, Маркијавичиус 1, Лапнијаускас 1, Имполис 3, Синкевичиус 6, Скобас, Јозионис, Грусаускас 4, Томкевичиус 2, Палскис, Монтвилас 3, Валентукевичиус 8.

Седмерци: 6/6, Исклучувања: 6 мин.