И Дејвис и „фараоните“ се израдуваа на бодови

Репрезентацијата на Египет, предводена од поранешниот помошник на Раул во Вардар, Давид Дејвис, успеа да ги освои првите поени на Светското првенство. „Фараоните“, во еден неверојатно цврст и неизвесен дуел беа подобри од Аргентина со 22:20.

Овој натпревар беше од исклучтелна важност за двете екипи кои сериозно целат кон 3. место во Групата Д. Дека ни една од овие две репрезентации нема да се предаде лесно се виде уште на почетокот. Двете страни играа цврсто во одбраната, без посериозен обид за отворање на картите и препуштање кон силни напади. Во таквата помалку „монотона“ игра, за момент во првиот дел подобро се снаоѓаа репрезентативците на Египет, а свои моменти имаа и Аргентинците кои го добија полувремето со 9:8.

Играта на која што гледачите беа сведоци во првиот дел, продолжи и во второто полувреме, во кое Египет подобро стартуваше. Репрезентацијата предводена од Дејвид Дејвис тргна со серија од 3:0 и се здоби со мала предност која успешно ја држеше само до 45. минута во која Баронето и Виеира ја вратија Аргентина во игра.

До 57. минута резултатот беше израмнет, а потоа во една минута најдобриот играч на паркетот, Мохамад Санад постигна два гола со кои Египет дојде до два позитива која успешно ја задржа и славеше.

Мохамед Санад му беше од најголема корист на Дејвис и донесе радост на египетските навивачи бидејќи беше стрелец на седум голови. На другата страна најдобар беше левото крило, Федерико Фернандез со постигнати пет голови. Утре двете репрезентации се слободни, додека задутре ќе биде денот во кој Аргентина ќе ја бара првата победа против Ангола, а Египет ќе има тешка задача против Унгарија.