ИХФ може да здивне – најден нов ТВ партнер за СП 2019

Светската ракометна федерација се соочуваше со проблеми на неколку месеци до почетокот на Светското првенство кое во јануари ќе се одржи во Данска и во Германија околу компанијата што ќе ги продава ТВ правата. Поради тоа што агенцијата која е одговорна за ТВ-преноси за Мундијалот во јануари е пред банкрот ситуацијата е незгодна бидејќи нема кој да ги продаде ТВ-правата за емитување на преноси од шампионатот.

Затоа од ИХФ мораа да реагираат брзо и веќе почнаа преговори со друга компанија. Lagardère Sports and Entertainment ќе биде новиот партнер на ИХФ во периодот од 2019 до 2025 година и оваа компанија ќе се грижи за дистрибуцијата на правата на медиумите за Светските првенства.

Откако стана јасно дека се раскинува договор со MP & Silva, ИХФ имаше потреба од партнер со кој ќе соработува во следните шест години. Тоа значи дека Lagardère Sports and Entertainment ќе биде стратешки партнер и ќе се грижи за глобално присуство во текот на двата олимписки циклуси кои следуваат.

MP & Silva влезе во големи проблеми поради долгови. Со ИХФ имаше договор од 173 милиони евра за следните четири години, но од ова нема да има ништо бидејќи мораше договорот да биде раскинат, па останува да се види кога ќе дојде до официјализирање на соработката со Lagardère Sports and Entertainment. Ова значи дека ќе нема поголеми опасности околу емитувањето на средбите од Мундијалот, но претходно ќе мора да дојде до потврда на соработката.