ИХФ избира играч на 2017 година: Лука Циндриќ во трка за ракометар на годината во светот

Средниот бек на Вардар, кој на крајот од сезоната си заминува од клубот, Лука Циндриќ се најде во изборот на ИХФ за најдобар ракометар за 2017 година. Практично тој е во трка со уште четири одлични ракометари и ќе биде во битка со нив за трофејот за играч на минатата година.

Според она што Вардар го освои во 2017 година сосема реално е да биде во предност во однос на конкуренцијата, но Лука Циндриќ има сериозни ривали во Сандер Сагосен (Норвешка), Никола Карабатиќ (Франција), Домагој Дувњак (Хрватска) и Енди Шмид (Швајцарија).

Сагосен и Карабатиќ со ПСЖ играа во финалето од Лигата на шампионите. Дувњак со Кил немаше позабележителни резултати, а пола година ја мина лекувајќи ја повредата додека Шмид со Рајн Некар беше шампион на Германија.

Оттаму Лука Циндриќ го има најголемиот трофеј на клупски план, а единствен кој може да му парира со трофеј на меѓународно ниво е Карабатиќ, кој со Франција во јануари во 2017 година стана шампион на светот. Инаку, Циндриќ беше стрелец на голот со кој Вардар ја совлада Барселона во полуфиналето на фајнл-ф0р турнирот во Лигата на шампионите.

Кај дамите во трката за најдобра ракометарка на 2017 година се најдоа: Нора Мерк (Норвешка), Стине Бредал Офтедал (Норвешка), Кристина Неагу (Романија), Изабеле Гулден (Шведска) и Нике Грот (Холандија). Зачудува тоа што нема ниту една ракометарка од Франција која стана светски првак во декември.

Гласањето ќе биде до 20 февруари, а ќе гласаат и фановите и новинарите.