Италија им приреди огромен шок на кадетите од Македонија

Кадетската репрезентација на Македонија доживеа катастрофа на средбата против Италија која денеска беше одиграна на турнирот во Клуж. После вчерашниот загубен дуел против Романија денеска Италијанците им одржаа лекција на нашите кадети како се игра во дресот со националниот грб и дојдоа до триумф од 25:34.

300x250

Големата борбеност во одбраната и за секоја топка на теренот им донесе на Италијанците и голема победа на крајот. Репрезентативците на Македонија, на оваа средба и ги прославија голманите на противникот бидејќи им овозможија да соберат голем број на одбрани и на тој начин едноставно станаа херои на овој дуел.

Македонија тргна убаво во средбата, но потоа сè отиде во правец кој најмалку се посакуваше. И покрај сите обиди да направи нешто со честите измени, Брестовац никако не можеше да најде постава која ќе му донесе подобар резултат.

На полувреме беше 13:18, но потоа почнаа да се менуваат нештата и противникот тргна далеку посилно и успеа да стигне и до 12 гола позитива што беше вистинска катастрофа. На крајот беше 25:34, но тоа не ја намалува премногу лошата слика за сите кои беа на теренот.

Утре од 8 часот наутро Македонија го игра последниот меч, а противник е селекцијата на Холандија и тоа ќе биде можност за поправање на лошиот впечаток.

МАКЕДОНИЈА: Василевски, Петковски, Солев, Крстаноски, Гучевски 2, Џигероски 4, Кондев 1, Ќосески, Божиновски, Митиќ 1, Анѓелкоски, Каковски 1, Симоновски 1, Ристовски 1, Серафимов 2, Карапалевски 2, Костески 9, Ѓорѓиев 1.