Искуството победи во баражот, Работнички е последниот суперлигаш за следната сезона

Ракометарите на Работнички после две сезони обезбедија враќање на клубот во Супер машката лига. Работнички го совлада Прилеп во бараж дуелот с0 38:30 и тука ги решија дилемите околу тимот кој го затвора списокот кај суперлигашите.

Кој ќе го добие баражот стана јасно после само неколку минути. Работнички влезе во средбата со 4:0 и на тој начин брзо стигна до предност која потоа само се зголемуваше. Прилепчани кои и на овој дуел беа со ракометари родени 2000 и 2002 година кои дадоа силен отпор и успеаја да ја стабилизираат негативата. Сепак, не можеа да стигнат до нешто повеќе, па резултатот главно беше во корист на тимот од Скопје.

Откако на полувреме предноста за Работнички беше осум гола и водеше со 21:13 во продолжение немаше форсирање туку мирно се одеше во мечот кон крај. Прилеп успеа да намали и да биде на шест гола, но при секое зголемување на ритамот екипата на Работнички успеваше да дојде до ново зголемување на предноста.

Прилеп казнуваше при невнимание на одбраната на противникот, но не можеше доволно силно да се одбрани за да има и повеќе шанса. Поискусните ракометари на Работнички тоа го користеа, а после честите контри во првото полувреме кога Палевски главно реализираше без проблеми во вториот дел се одеше на подолги напади. На тој начин во финишот од средбата само се чуваше разликата за потврда на победата од 38:30.

Давор Палевски беше лидер на стрелците на овој меч и тој реализираше 12 пати, додека Димитров мечот го заврши со десет погодоци. Кај Прилеп Евгениј Темелковски со осум погодоци беше најефикасниот на терен.

Со оваа победа ракометарите на Работнички си обезбедија место во Супер лигата, па и годинава тимот кој доаѓа од Првата лига обезбедува ранг повисоко преку баражот. Прилеп, пак, ќе мора во следниот шампионат меѓу прволигашите каде ќе има тешка задача за да се избори за враќање назад.