Ирина Дибирова пред Турингер: Имаме уште 60 минути и мора да ги одиграме квалитетно

Ракометарките на Вардар се единствени со максимални пет победи после првите пет меча сезонава во Лигата на шампионите. Тие одработија одлично во досегашниот дел од сезоната така што од нив се очекува и во петок против Турингер да ја продолжат серијата и со максимални 12 бода да го завршат првиот круг.

„Ова е последен меч, кој е многу важен за нас. Не смееме да се опуштиме против Турингер бидејќи бодовите ни се потребни за следната фаза во Лигата на шампионите. Тимот од Германија е добар. Имаат само два бода, но имаат играчи кои долго време играат заедно. Ги совладавме со десет гола разлика на нивниот терен, но тоа не значи ништо бидејќи и нив им се потребни овие бодови. Ќе дојдат овде за да не победат, па затоа ние мораме да одиграме квалитетно во текот на сите 60 минути. Мораме да се бориме до крајот на мечот и верувам дека ќе ги израдуваме нашите навивачи“, вели пред овој меч тренерот на Вардар, Ирина Дибирова.

Средбата се игра од 19 часот в петок, а доколку Вардар победи тогаш сигурно ќе пренесе осум бода во следниот круг кога ќе се формираат две нови групи. Влогот е голем, а на теренот ќе недостигаат две ракометарки.

„Лекиќ дефинитивно не игра, а Мирјета Бајрамоска исто така е надвор од теренот бидејќи мора да мине уште еден период на рехабилитација пред да се врати на терените“, изјави Дибирова.