Ирина Дибирова: На „фајнл-фор“ нема тешки и лесни противници

После дознавањето на противникот за во полуфиналето од Лигата на шампионите, тренерот на Вардар, Ирина Дибирова го искажа своето мислење околу ривалот со кој ќе се бара место во финалето.

Дибирова добро ги знае ракометарките на Ростов Дон со оглед на тоа што се работи за руски тим. Тоа сигурно ќе биде предност за неа во подготвувањето на тимот, но вели дека кој противник и да се паднеше во 60 минути во Будимпешта секој има свои шанси да се избори за добар резултат.

„Нема лесни и тешки противници. Сите се фаворити на Ф4 турнирот во Будимпешта. Немаме никакви потценувања кон екипата на Ростов. Тие досега покажаа дека се сериозен тим. Знаеме точно што не очекува и како треба да играме. Веќе се сретнавме со нив пред почетокот на сезоната на турнир во Скопје. Најважно е ние добро да играме, да продолжиме со подобрување на формата“, изјавува Дибирова.

На неа и на Парондо сега им претстои тежок период во кој ќе треба за неполн месец да ги подготват ракометарките за предизвикот во Будимпешта и да го донесат она што се чека веќе пет години. Ова е петти фајнл-фор, па време е за трофејот.

„Секоја екипа има свои добри и слаби страни. Ние ќе се обидеме да ја подобриме нашата форма и да најдеме начин да го неутрализираме ривалот. Можеби е добро што нема да играме со Ѓер во полуфиналето, пред сѐ поради домашниот терен. Секако ако сакаме да играме во финале и понатаму треба да бидеме добри на секој меч. Останува сега добро да се подготвиме“, вели Дибирова.