ИНТЕРВЈУ со Михајло Младеновиќ: Металург е клубот, отскочна даска за сите млади ракометари

Во првата екипа на Металург во новата сезона ќе има многу млади ракометари, а дел од нив се и репрезентативци на Македонија. Еден играч кој во скора иднина исто така би можел да го облече дресот на Македонија доаѓа од втората екипа, а се работи за играч кој располага со одличен удар од далечина.

Михајло Младеновиќ својот ракометен пат го почна уште како второодделенец во родното Врање. Судбината го донесе во Скопје на проба во Металург, а самиот вели дека бил пресреќен кога после пробата добил понуда да заигра за тимот од Автокоманда.

„Не можам точно да се сетам откаде во Металург имаа слушнато за мене, но тие ме повикаа на проба. Бев на проба со младинската репрезентација, со генерацијата 1996. Се покажав добро, се договоривме и веќе од следната сезона станав член на Металург. Сега ми е и полесно бидејќи имам уште мои сограѓани  со кои се познавам. Почнавме во ист клуб и добро се знаеме. Кога ми е тешко тука се тие. Со нив се знам подолго време и тоа ми помага“, вели во интервјуто за 24 Ракомет, Михајло Младеновиќ.

Една од причините поради кои се решил за Металург била и тогашниот стратег на тимот од Автокоманда.

„Кога слушнав дека Лино Червар е во екипата не се двоумев. Имав гледано и неколку натпревари во Лигата на шампионите. Металург ми се допадна многу како тим. Сон на секој играч е да игра пред толку публика. Особено кога беше еуфоријата во 2014 година. Тоа ме привлече многу исто како и Лино Червар кој е познат по тоа дека создава млади ракометари, дека ги учи квалитетно и дека е најдобар за тоа. Металург не е познат само на Балканот туку и низ Европа. Сите знаат каков клуб е Металург. Знаат добро дека е тоа одлична отскочна даска за младите играчи. Тоа најмногу ме привлече. Шансата за младите играчи и високото рангирање“.

Тој во минатите две сезони настапуваше за втората екипа, а во новиот шампионат ќе добие место во првиот состав.

„Очекував да се случи ова бидејќи откако дојдов во Металург се трудев да влезам во првата екипа. Сега тоа се исполни. Очекував уште на крајот од минатата сезона да добијам шанса така што се исполни она што го сакав. Првата сезона кога дојдов ми требаше повеќе време да се прилагодам и не заблескав. Не можев да покажам нешто повеќе. Ми требаше време за да се опуштам. Минатата сезона кога се опуштив и кога се навикнав на овој начин на живот, одделен од семејството и друштвото, беше далеку подобро. Втората сезона беше супер и особено во вториот дел се покажав добро. Драго ми е и сметам дека само така треба да продолжам и да одам нагоре“.

Во новата сезона ќе соработува со Данило Брестовац, а вели дека очекува брзо да се вклопи во начинот на работа.

„Сите тренери со кои работев во Металург беа добри. Кај секого се прилагодив и на атмосферата и на начинот на работа така што тоа не ми беше проблем досега. Тренерот Данило Брестовац ми се допаѓа по начинот на кој работи. Мислам дека ќе се вклопам. Засега сè е супер, па ќе видиме како понатаму. И пред да го запознаам Данило Брестовац слушнав многу за него. Тој беше тренер на втората екипа пред да дојдам во Металург. Од играчите слушнав многу за него, дека добро се работи, дека е добар човек така што прво тие ми оставија убав впечаток за Брестовац, а потоа и самиот се уверив“.

Во новата сезона ќе работи и со многу поискусни играчи. Ќе има тешки 10 месеци во кои ќе мора да се бори за место во тимот.

„Секако дека тренирањето со поискусните ракометари од мене е голем мотив за мене. Можам да работам со нив,а  тие да ми покажуваат некои нивни движења и да се обидам да ги направам истите. Задоволството е големо за да се тренира со такви играчи првенство бидејќи се доста поискусни од мене. Тоа е голема предност бидејќи така полесно се напредува. Екипата е помлада во однос на минатата сезона. Има доста неискусни и млади ракометари, а главно сите се репрезентативци на Македонија. Младите играчи имаат голема желба за да се покажат и да направат некој резултат. Сите имаат некоја цел која сакаат да ја достигнат, сакаат да се докажуваат и се надевам дека сите ќе дадат сè од себе и со тоа ќе донесат добар резултат на тимот. Очекувам шанса и во СЕХА-лигата, а потоа и во Лигата на шампионите. Одам чекор по чекор“.

На неговото место е капитенот во екипата кој ја игра последната сезона во редовите на Металург. Ова ќе биде можност да одигра една сезона заедно со репрезентативецот на Македонија и да учи од него.

„Кузмановски е доста млад, но е капитен на екипата. Мислам дека ќе се ротираат многу играчи бидејќи бековите можат да играат на повеќе позиции. Се надевам дека ќе добивам можност и дека ќе ја искористам. Покрај Кузмановски е убаво да се игра, а секако и голема чест да се биде и замена. Веројатно ние помладите и понатаму ќе играме за втората екипа по потреба. Во првата екипа би сакал да бидам во состав и да се обидам да ја искористам шансата. Сепак, пред мене има многу искусни играчи кои се и повозрасни, кои секако ќе имаат поголема минутажа од мене, а јас ќе се трудам колку што можам повеќе да ја искористам“.

Неговата позиција во тимот е лев бек. Вели дека омилен ракометар му е Вуко Борозан и дека има предиспозиции да биде играч со таков стил во иднина и дека би сакал да го следи неговиот пример.

„Најмногу играм на позицијата лев бек. Ретко кога тренерот ме става на центар. Јас не сум таков тип на играч да можам да играм и како среден бек. Многу сакам да шутирам и тоа на некој начин ми е подраго. Инаку, драго ми е и кога ќе дадам некоја асистенција, тоа е нормално во ракометот, но во секој случај сакам да постигнувам голови“.

Посакува сезонава да добие шанса во сите натпреварувања во кои ќе се натпреварува тимот на Металург.

„За мене целта од мал ми беше да заиграм во Лигата на шампионите. Кон тоа и тежнеам и тоа ми е најголемиот сон. После тоа ако може да се направи некој резултат доаѓа само по себе. Имам големи цели и се трудам за тоа да успеам да го направам во кариерата“.

Младеновиќ веќе има понуда и да го облече дресот на кадетската репрезентација на Македонија. Тој би можел да биде дел од тимот што следната сезона ќе игра на Мундијалот во Скопје.

„Многу голема е честа. За репрезентацијата не можам уште да зборувам. Светското првенство за нашата генерација во 2019 година ќе се одржи во Македонија. Голема е честа да се игра пред домашна публика. Ќе видиме. Би сакал да играм, но засега уште не можам да кажам ништо. Имав понуда да играм и за Србија. Тогаш не бев во можност да одам на собирите бидејќи имав големи обврски околу екипата. Не стигнав да го исполнам и тоа. Затоа ќе видиме што и како ќе се случува. Предност ќе добие повеќе Македонија, но уште не би сакал да коментирам околу ова прашање“.

Тој работеше доста со Александар Јовиќ и вели дека многу научил од него.

„Јовиќ издвојуваше време за да работи индивидуално со мене, а потоа ми даваше шанса за да тренирам со првата екипа. Тоа ми помогна многу. Ме форсираше и мене, но и сите други млади играчи. Можам да му бидам благодарен за придонесот во мојот напредок. Драго ми е што имав можност да работам и со Червар. Кај него исто така имав тренинзи со првата екипа. Тоа ми беше вистинско доживување бидејќи играа квалитетни ракометари. Ме интересираше како Червар го прави тоа, а го правеше на специфичен начин и ми се допадна“.

Ракометарот на Металург има корени од Македонија, поточно неговиот татко, додека тој е роден во Врање.

„Мојот татко е роден во Куманово. Јас сум роден во Врање. Почнав да тренирам во второ одделение во школската екипа. Доста тренирав и се нервирав поради условите. Сакав да се одделам од семејството поради ракометот. Знам дека тука шансите за да направам нешто се поголеми, а тоа секој млад играч го сака. Мојата шанса се оствари во Металург каде дојдов со 15 години“.

Почетоците ги имаше во локалниот клуб, а вели дека првите тренери со кои работел успеале да го насочат на вистинскиот пат.

„Првиот тренер во Врање ми беше Миодраг Николиќ кој работи заедно со Зоран Аризановиќ. Тие најмногу ми помогнаа и можам да им бидам многу благодарен бидејќи ме научија на првите ракометни чекори. Издвојуваа време и за мене и за целата моја екипа. Можам да им бидам максимално благодараен. Со нив минав најголем период. Доста се искусни и добри тренери и добри луѓе пред сè“.

Вели дека се случува често да му недостига домот, но со оглед на близината има време да скокне до дома и брзо да се врати во Скопје на обврските.

„Од Врање најмногу ми недостигаат семејството и друштвото, но веќе се навикнав овде и сега имам сè помала желба за да одам дома. Се вклопив во друштвото, а се навикнав и на градот. Само кога ќе ми дојде желба за семејството и друштвото се враќам за кратко, а потоа продолжувам повторно“.

Полека го учи и македонскиот јазик. Вели дека знае да го зборува, но дека му треба уште малку време за да биде уште подобар.

„Со македонскиот јазик сум сè подобро. Разбирам одлично, а можам и да зборувам. Некогаш махинално почнувам да зборувам. Долго време сум тука и само од тоа што ги слушам другите ми станува рутина, па почнувам да зборувам и тоа ме изненадува“, коментираше во интервјуто за 24 Ракомет, Михајло Младеновиќ.

Тој веќе ги одработе подготовките со тимот на Маврово и очекува на 29 август да го облече дресот на Металург на средбата од СЕХА-лигата против Вардар во СЦ „Јане Сандански“.