Им требаа +12, победија +23: Еурофарм Работник во финалето на турнирот во Добој

Ракометарите на Еурофарм Работник ќе играат во финалето на турнирот во Добој откако денеска во последниот меч од разигрувањето во групната фаза успеаја да се изборат за победа од 47:24 против Пекинг универзитет. На битолчани им требаа 12 гола разлика за да бидат први, а успеаја да стигнат до далеку поголем триумф со што без проблеми беше освоена првата позиција во Групата А.

Еурофарм Работник долго ја бараше играта која ќе донесе позитивен резултат против уште еден тим кој ќе игра во СЕХА-лигата во следната сезона. Пекинг Универзитет во првиот дел беше добар реивал, но потоа во продолжението работите не одеа по план. Битолчани заминаа на одмор со шест гола разлика, 21:15, но ова беше само најава за далеку посилен втор дел.

Во продолжението од средбата тимот на Еурофарм Работник беше со далеку поголема концентрација и уште во 40. минута се дојде до посакуваниот резултат. Се обезбедија оние 12 гола разлика кои носеа на врвот во групата, а потоа до крајот само се чуваа и се зголемуваа.

Голманитот Митревски имаше 19 одбрани, а крилото Ѓукиќ даде 11 голови. Функционираа сите редови, па ова е најава за возбудлив дуел утревечер од 21 часот кога Еурофарм Работник ќе игра против тимот на Шарт во финалето.