Имаа пет од пет во групната фаза, но останаа без четврт-финале на СП

Осминафиналните средби на Светското првенство за кадети носат интересни игри, а веќе се случи и едно изненадување. Еден од фаворитите за медал прерано заврши со игрите за висок пласман и утре ќе заврши и со настапот на Мундијалот.

Репрезентацијата на Хрватска која имаше одлични игри во групната фаза и дојде до пет од пет со што беше и на првото место потфрли во првиот важен дуел на овој шампионат. Хрватите загубија од селекцијата на Унгарија со 23:27 откако во сите 60 минути беа постојано во негатива. На тој начин рано се простија со шансите за нешто повеќе на овој Мундијал и утре би требало да играат за 9. позиција.

На досега завршените осминафинални средби немаше други изненадувања. Египет мина сигурно против Словенија и победи со 30:23, Германија убедливо ја совлада Аргентина со 33:25, додека Исланд и Јапонија го одиграа најефикасниот натпревар со дури 73 гола. Исланѓаните славеа со 39:34.

Веќе се познати и првите две четврт-финални двојки. Египет утре ќе игра против Исланд, додека Германија и Унгарија ќе се борат за пласман во полуфиналето.