Изненадувачка одлука на словенечкиот селектор: Вујо го презема Копер

Поранешниот селектор на Македонија, а сега на Словенија, Веселин Вујовиќ, ја изненади европската ракометна јавност, откако се согласи на двегодишен договор со тимот на Копер. Црногорецот, кој го водеше Загреб скоро две сезони, ќе биде замена за Зоран Јовичиќ, кој повеќе не е тренер на словенечкиот тим.

Копер своевремено важеше за силен тим, кој им ги матеше сметките на Целје и Горење, се до банкротот, кој се случи во 2013 година и клубот беше префрлен во најнизок ранг на натпреварување. Секоја следна сезона, Копер се искачуваше ранг погоре, а лани во најквалитетната лига заврши на 4 позиција.

Вујовиќ ќе има на располагање млад и талентиран тим со кој ќе се обиде да им парира на силните Целје и Горење, во битките во Словенија. Тој претходно беше тренер на Загреб, а ги водеше и Вардар, Металопластика, Сиудад Реал, Ал Сад и Ал Шабаб.