ИДЕАЛЕН ТИМ НА 9. КОЛО ВО СУПЕР МАШКАТА ЛИГА (АНКЕТА)

Последното, 9. колоод Супер машката лига беше најефикасното од почетокот на сезоната и беа постигнати точно 300 погодоци што е во просек 60 гола по натпревар.

Најефикасни беа екипите на Радовиш и Борец кои броеја до 79 гола и резултат од 45:34. Победи во ова коло на домашен терен забележаа и тимовите на Охрид и Еурофарм Работник, додека како гости Пролет и Бутел Скопје успеаја да се изборат за триумф.

Најголемите возбудувања беа на дуелот Охрид – Пелистер каде имаше мешаница по завршувањето на првото полувреме. Таму домашните се изборија за триумф од 25:22, а јасно е дека ривалството меѓу овие два тима ќе продолжи и напролет.

Од овие средби тимот на 24 Ракомет ги одбра најдобрите седум играчи, а на Вас останува со вашите гласови да го одберете најдобриот ракометар во колото. Својот глас за ракометарот за кој сметате дека бил најдобар можете да го дадете во продолжение (Доколку анкетата не ви се појави веднаш почекајте неколку секунди за да биде вчитана).

ИДЕАЛЕН ТИМ НА 9. КОЛО ОД СУПЕР МАШКАТА ЛИГА

ГОЛМАН: Јагош Брауновиќ (Охрид)

Играчот кој дојде од екипата на Пелистер во Охрид во текот на летото, Јагош Брауновиќ имаше одлична партија во текот на второто полувреме. И Јовановски исто така бранеше на високо ниво во првиот дел, но со оглед на тоа што во вториот дел од средбата се решаваше победникот, тоа беше поенот плус за Брауновиќ да добие предност.

ЛЕВО КРИЛО: Стефан Трајковски (Пролет)

Во првите 30 минути од средбата против Прилеп, левото крило на Пролет, Стефан Трајковски беше незадржлив. Тој успеа да реализира дури седумпати и тоа беше повеќе од една третина од головите на тимот од Скопје за првото полувреме. Трајковски имаше одличен ден, а тоа му донесе место во најдобрата седумка за 9. коло.

ЛЕВ БЕК: Мартин Манасков (Пролет)

Мартин Манасков влегува во стандардна форма и имаше уште еден добар натпревар во првенството. Постигна четири гола против Прилеп, а ова беше меч во кој прилепчани постојано беа во предност. Немаше поголеми проблеми за да се дојде до три бода, па во Пролет може да бидат задоволни што го имаат Манасков во своите редови.

СРЕДЕН БЕК: Ивица Илиев (Радовиш)

Најефикасниот ракометар во Супер машката лига имаше одлична партија на средбата против Борец. Со 15 гола го наполни голот на својот поранешен клуб. Тој имаше шест гола од седум метри и девет од игра и имаше одличен придонес во победата. Илиев е убедливо најефикасниот играч, па оваа партија беше само потврда за неговата форма од стартот на сезоната и доказ дека е главниот играч на Радовиш и во овој шампионат.

ДЕСЕН БЕК: Никола Ивановиќ (Еурофарм Работник)

Екипата на Еурофарм Работник немаше проблеми против составот на Вардар јуниор и дојде до лесни три бода. На оваа средба стандардно крилата имаа голем придонес во победата, а покрај нив тука беше и десниот бек Никола Ивановиќ кој во последните десет минути од средбата реализираше пет од своите шест гола. Тој беше меѓу поефикасните во тимот на Еурофарм Работник и придонесе за деветтата победа во деветтиот натпревар.

ДЕСНО КРИЛО: Златко Мојсоски (Бутел Скопје)

Еден од најискусните ракометари во Супер машката лига, Златко Мојсоски имаше одличен придонес во победата над тимот од градот од кој потекнува. Тој постигна седум гола против стружани и беше еден од најдобрите ракометари во тимот на БутелСкопје. Мојсоски имаше одличен придонес во победата така што на крајот сосема заслужено е во топ 7 составот за 9. коло.

ПИВОТ: Иван Тасески (Охрид)

На тешката средбаво која во второто полувреме екипата на Охрид играше без двајца клучни ракометари, Тасески мораше да преземе повеќе одговорност и да им помага на колегите кои успеаја да дојдат до големи бодови против Пелистер. Неговиот придонес во нападот беше добар на овој натпревар и тој беше и најефикасниот играч на Охрид во победата над Пелистер.

СУПЕР МАШКА ЛИГА, 9. КОЛО

ЕУРОФАРМ РАБОТНИК– ВАРДАР ЈУНИОР        40:23 (ИЗВЕШТАЈ)

СТРУГА – БУТЕЛ СКОПЈЕ              23:24 (ИЗВЕШТАЈ)

РАДОВИШ – ГРК БОРЕЦ              45:34 (ИЗВЕШТАЈ)

ПРИЛЕП – ПРОЛЕТ         24:40 (ИЗВЕШТАЈ)

ОХРИД – ПЕЛИСТЕР      25:22 (ИЗВЕШТАЈ)

СЛЕДНО, 10. КОЛО (17/18.11.2018)

РАДОВИШ – ВАРДАР ЈУНИОР

СТРУГА – ГРК БОРЕЦ

ПРИЛЕП – БУТЕЛ СКОПЈЕ

ОХРИД – ПРОЛЕТ

ЕУРОФАРМ РАБОТНИК – ПЕЛИСТЕР

ТАБЕЛА: 1. Еурофарм Работник 27 бода (301:191); 2. Бутел Скопје 21 (260:201); 3. Охрид 21 (262:218); 4. Пролет 18 (272:225); 5. Пелистер 18 (274:244); 6. Струга 10 (227:242); 7. Вардар јуниор 9 (237:279); 8. Радовиш 6 (281:308); 9. Прилеп 4 (219:290); 10. Борец 0 (204:339).