ИДЕАЛЕН ТИМ НА 7. КОЛО ВО МАШКАТА СУПЕРЛИГА

Во 7. коло од македонската Суперлига се одиграа четири натпревари. Пролет со триумфот над Радовиш, кој беше четврти во серија му овозможи победничко деби на новиот тренер Никола Матлиески. Еурофарм Работник славеше во соседскиот дуел над Прилеп, во натпревар каде голманите заедно имаа 36 интервенции, а вкупно паднаа 33 голови. Пелистер остана на врвот со лесната победа над Вардар Јуниор, додека Охрид покажа дека и сезонава е главен конкурент за врвот на битолчани со гостинската победа над Борец, во натпревар во кој велешкиот тим делуваше анемично.

24Ракомет  по завршувањето на секое коло ќе ви го претстават идеалниот тим, во избор на уредниците, новинарите, дописниците и соработниците, а заедно со Вас ќе го избираме најкорисниот ракометар на колото…

Резултати, 7 коло:

Пелистер – Вардар Јуниор 34:23
Пролет – Радовиш 23:17
Борец – Охрид 20:26
Прилеп – Е. Работник 14:19

ГОЛМАН: Филип Ивановски (Е. Работник)

Ивановски и покрај одлични партии на Јовановски од Прилеп, Трајкоски од Охрид, Кимевски од Пролет… заслужено го добива приматот, поради одличниот настап на средбата со Прилеп, кога со своите 18 одбрани му помогна на својот тим да дојде до победа.

ЛЕВО КРИЛО: Гоце Ојлески (Е. Работник)

Македонскиот репрезентативец беше прв стрелец на средбата со Прилеп и постигна 7 голови, со што само ја продолжи успешната низа сезонава и ја потврди одличната форма во која настапува откако се врати од Романија

ЛЕВ БЕК: Јовица Младеновски (Охрид)

Искусниот лев бек како одминува сезоната така ја подига и својата форма. Откако одигра одлично во Автокоманда на заостанатиот дуел со Металург 2, беше еден од клучните играчи во тимотна Охрид во победата над Борец.

СРЕДЕН БЕК: Ласко Андоновски (Пролет)

Организаторот на играта по којзнае кој пат го носеше тимот на Пролет до победа. Кога Андоновски игра добро, тогаш и Пролет победува, а на дуелот со Радовиш средниот бек беше најефикасен во својот тим со 7 голови.

ДЕСЕН БЕК: Михајло Митиќ (Пелистер)

Српскиот интернационалец покажува дека е во одлична форма и на дуелот со Вардар Јуниор одигра на досегашното ниво. Тој беше прв стрелец во составот на Пелистер и постигна 7 голови, од кои 6 во првиот дел.

ДЕСНО КРИЛО: Бобан Блажески (Охрид)

Блажески редовно е меѓу најдобрите стрелци во тимот на Горан Андоновски, а така беше и на средбата со Борец, каде беше прв стрелец со 7 голови. Одигра повторно на ниво во текот на сите 60 минути и има големи заслуги за победата во Велес.

ПИКЕР: Томислав Кљаиќ (Охрид)

Хрватскиот интернационалец како одминува сезоната, така игра се подобро. Откако се покажа во солидно издание и играше во двата правца на дуелот со Металург 2, одигра одлично и на гостувањето во Велес и беше една од клучните фигури во тимот на Охрид.

[socialpoll id=”2470681″]