ИДЕАЛЕН ТИМ НА 4. КОЛО ВО МАШКАТА СУПЕРЛИГА

Во четвртото коло од македонската Суперлига се одиграа четири натпревари, а најинтересно беше на дуелот меѓу Охрид и Радовиш, кој домашните го добија со пресврт во вториот дел. Еурофарм Работник со новото засилување во ростерот, Стефан Дрогришки, немаше проблеми со Металург 2, а Пролет ја забележа првата победа во Суперлигата на гости кај Вардар Јуниор. Пелистер на домашен терен без никакви проблеми славеше над Борец во Битола.

24Ракомет  по завршувањето на секое коло ќе ви го претстават идеалниот тим, во избор на уредниците, новинарите, дописниците и соработниците, а заедно со Вас ќе го избираме најкорисниот ракометар на колото…

Резултати, 4 коло:

Еурофарм Работник – Металург 2 32:22
Охрид – Радовиш 31:27
Вардар Јуниор – Пролет 20:33
Пелистер – Борец 33:29

ГОЛМАН: Благојче Трајкоски (Охрид)

Иако имаше голема конкуренција во противничкиот голман Славјан Паунов, сепак голман на колото е Благојче Трајкоски. Тој во првото полувреме на натпреварот со Радовиш не беше на своето ниво, сепак во вториот дел повторно застана меѓу стативите на тимот на Охрид и одигра голема улога во пресвртот што го направи неговиот тим за конечна победа со 31:27.

ЛЕВО КРИЛО: Мирко Мајиќ (Радовиш)

Црногорскиот интернационалец не само што беше втор стрелец со 10 голови, туку и ја водеше играта на Радовиш заедно со Соколов и Паунов, и покрај на неговата природна позиција, лево крило, играше и на бековските позиции, и беше константна опасност за голманите на Охрид, Трајкоски и Стојаноски.

ЛЕВ БЕК: Јовица Младеновски (Охрид)

Искусниот лев бек беше на терен скоро цел натпревар во Охрид, но покрај играта во напад, каде со Блажески беа најдобри стрелеци со по 7 голови, играше и во одбраната и има една од поголемите заслуги што Охрид го доби дерби дуелот со Радовиш во финишот.

СРЕДЕН БЕК: Ласко Андоновски (Т. Пролет)

Пролет ја забележа првата победа во Суперлигата, а нивниот организатор на играта Ласко Андоновски повторно беше најдобриот играч во составот на Темелковски и сосема заслужено си најде место во идеалниот тим, иако имаше голема конкуренција во имињата на Ивица Илиев.

ДЕСЕН БЕК: Лазо Мајнов (Е. Работник)

Искусниот десен бек игра во одлична форма од стартот на сезоната, а истата ја продолжи и на дуелот против Металург 2, каде заедно со Мојсоски, Ојлески и Дрогришки беа клучните ракометари кога се создаваше предноста во првиот дел.

ДЕСНО КРИЛО: Златко Мојсоски (Е. Работник)

Истото што важи за Мајнов, важи и за Мојсоски, па и тој сосема заслужено добива место во идеалниот тим. Десното крило, заедно со Дрогришки, беа први стрелци со по 6 голови, на натпреварот кој Е. Работник го доби убедливо со 32:22 против Металург.

ПИКЕР: Игор Павловски (Борец)

Некогашниот репрезентативец беше еден од малкумината ракометари на велешкиот тим, кој колку-толку даваше отпор против Пелистер. Имаше значајна улога во нападот на Борец со 4 голови, а играше и во дефанзивата. Иако им се закануваше убедлив пораз од битолскиот тим, сепак на крајот разликата беше пристојна, 33:29.