ИДЕАЛЕН ТИМ НА 12. КОЛО ВО МАШКАТА СУПЕРЛИГА

Во 12 коло од македонската Суперлига се одиграа четири натпревари. Во дербито на врвот, Пролет беше конкурентен во Битола, но Пелистер на крајот ги однесе бодовите и остана на лидерската позиција. Е. Работник немаше проблеми против Радовиш, а Прилеп со крајни напори беше подобар од младинската екипа на Борец. Во дербито на дното, Металург 2 забележа гостинска победа над големиот ривал Вардар Јуниор.

24Ракомет  по завршувањето на секое коло ќе ви го претстават идеалниот тим, во избор на уредниците, новинарите, дописниците и соработниците, а заедно со Вас ќе го избираме најкорисниот ракометар на колото…

Резултати, 12 коло:

Прилеп – Борец 29:24
Вардар Јуниор – Металург 2 27:28
Пелистер – Пролет 29:25
Е. Работник – Радовиш 34:18

ГОЛМАН: Милош Рајичиќ (Пелистер)

Српскиот голман бранеше цел меч против незгодниот Пролет и беше еден од клучните играчи во составот на Стевче Алушовски.

ЛЕВО КРИЛО: Бојан Маџовски (Пелистер)

Маџовски погоди 5 пати во голот на Пролет, а 3 од неговите голови беа постигнати во вториот дел кога Пелистер ја правеше клучната предност.

ЛЕВ БЕК: Марио Танкоски (Металург 2)

Левиот бек кој се најде на поширокиот список на Раул пред ЕП, беше клучниот играч во тимот на Раде Стојановиќ во гостинската победа на Металург над Вардар Јуниор.

СРЕДЕН БЕК: Јане Јанчев (Прилеп)

Искусниот организатор на играта, кој подеднакво игра и левата бековска позиција, беше најдобриот поединец во тимот на Прилеп со 9 голови.

ДЕСЕН БЕК: Стефан Трпчевски (Вардар Јуниор)

Младиот битолчанец беше најдобар во домашниот тим на средбата со Металург 2, но ниту неговите 8 голови не беа доволни барем за реми.

ДЕСНО КРИЛО: Мице Шилегов (Металург 2)

Младинскиот репрезентативец Шилегов постигна 5 голови и заедно со Танкоски беа ударните игли во нападот на Металург 2 на средбата со Вардар Јуниор.

ПИКЕР: Елмир Граѓан (Е. Работник)

Босанскиот интернационалец кој игра во двата правци покажува одлични перформанси по трансферот во Битола и на дуелот со Радовиш беше еден од најдобрите во домашниот тим.