ИДЕАЛЕН ТИМ НА 11. КОЛО ВО МАШКАТА СУПЕРЛИГА

Во 11 коло од македонската Суперлига се одиграа четири натпревари. Пелистер потешко од очекувањата славеше над Металург 2 во Автокоманда и ја задржа лидерската позиција. Е. Работник во дербито на колото беше подобар од Охрид на гости, додека Радовиш и Пролет немаа проблеми со Вардар Јуниор и Прилеп.

24Ракомет  по завршувањето на секое коло ќе ви го претстават идеалниот тим, во избор на уредниците, новинарите, дописниците и соработниците, а заедно со Вас ќе го избираме најкорисниот ракометар на колото…

Резултати, 11 коло:

Охрид – Е. Работник 23:29
Металург 2 – Пелистер 31:32
Пролет – Прилеп 38:30
Радовиш – Вардар Јуниор 36:27

ГОЛМАН: Славјан Паунов (Радовиш)

Искусниот голман на Радовиш, Славјан Паунов, беше еден од најзаслужните поединци во домашниот тим заедно со Мирко Мајиќ и Кристијан Ристов за убедливата победа над Вардар Јуниор со 9 голови разлика.

ЛЕВО КРИЛО: Гоце Ојлески (Е. Работник)

Левото крило на македонската репрезентација беше главен играч на дербито во Охрид и го одигра целиот меч за тимот на Темелковски. Постигна вкупно 10 голови, само 2 од пенал, а домашите играчи немаа решение за него.

ЛЕВ БЕК: Теимураз Орјоникидзе (Пелистер)

Грузискиот интернационалец одигра одличен натпревар на гостувањето во Автокоманда кај Металург 2 и беше прв стрелец со 8 голови во составот на Стевче Алушовски, кој многу потешко од очекувањата стигна до победа.

СРЕДЕН БЕК: Дејан Пецаковски (Е. Работник)

Поранешниот репрезентативец на Македонија од Илија Темелковски добива се поголема шанса во напад и покажа дека не е само одличен дефанзивец, туку и добар стрелец. Постигна 6 голови на дербито со Охрид, а се менуваше на левата и средната бековска позиција.

ДЕСЕН БЕК: Мартин Серафимов (Металург 2)

Иако неговиот тим загуби, сепак кадетскиот репрезентативец Мартин Серафимов заслужи место во идеалниот тим, бидејќи постигна 11 голови со одличен процент на реализација. Противникот не беше било кој, туку лидерот во Суперлигата, Пелистер.

ДЕСНО КРИЛО: Реваз Чантурија (Пелистер)

Искусниот Чантурија одигра одличен натпревар против Металург 2. Тој постигна 5 голови и заедно со неговиот сонародник Орјоникидзе, Везенковски, Димитровски и Чуриќ беа клучните фигури во гостинскиот тим

ПИКЕР: Филип Василевски (Пролет)

Василевски го одигра можеби најдобриот натпревар сезонава во дресот на Пролет и постигна 7 голови. Заедно со неговиот брат близнак Александар и Иван Џонов, беа првите стрелци во екипата што нема пораз веќе 7 кола по ред во Суперлигата.

[socialpoll id=”2475221″]