ИДЕАЛЕН ТИМ НА 10. КОЛО ВО МАШКАТА СУПЕРЛИГА

Во 10 коло од македонската Суперлига се одиграа четири натпревари. Пелистер славеше на уште еден натпревар и се зацврсти на лидерската позиција. Овојпат во Битола падна Радовиш. Охрид се мачеше на гостувањето кај Вардар Јуниор, но на крајот победи, додека Металург 2 скапо ја „продаде“ кожата во Прилеп. Пролет нема пораз под водство на Никола Матлиески и славеше на гостувањето во Велес кај Борец.

24Ракомет  по завршувањето на секое коло ќе ви го претстават идеалниот тим, во избор на уредниците, новинарите, дописниците и соработниците, а заедно со Вас ќе го избираме најкорисниот ракометар на колото…

Резултати, 10 коло:

Вардар Јуниор – Охрид 31:33
Пелистер – Радовиш 29:23
Борец – Пролет 24:31
Прилеп – Металург 2 28:27

ГОЛМАН: Никола Даниловски (Металург 2)

Иако Металург 2 загуби на гостувањето во Прилеп, мора да се издвои одличната партија на голманот Даниловски, кој имаше 19 одбрани, што сепак не беа доволни за позитивен резултат.

ЛЕВО КРИЛО: Крсте Андоноски (Охрид)

Капитенот на Охрид одигра одличен натпревар против Вардар Јуниор и беше еден од клучните ракометари во составот на Горан Андоноски во тешката победа во „Кале“. Во моментите кога беше потребно да се притисне и да се добие натпреварот одигра голема улога заедно со Димитријески.

ЛЕВ БЕК: Жарко Чуриќ (Пелистер)

Иако поголемиот дел од мечот го одигра на десен бек, сепак хрватскиот интернационалец покажа дека не треба да биде во сенка на Орјоникидзе и со 9 голови беше најдобар поединец во Пелистер во победата над Радовиш.

СРЕДЕН БЕК: Славиша Димитријески (Охрид)

Искусниот организатор на играта на Охрид, веќе неколку натпревари во серија е еден од главните творци на победите на тимот од градот покрај езерото, а против Вардар Јуниор даде 9 голови.

ДЕСЕН БЕК: Стефан Трпчевски (Вардар Јуниор)

Иако Вардар Јуниор практично го имаше Охрид во рака, сепак искусниот гостински тим на крајот славеше. Десниот бек Трпчевски постигна 7 голови во тимот на Столе Петрушевски и им правеше најмногу проблеми на голманите на Охрид.

ДЕСНО КРИЛО: Филип Ролевски (Пролет)

Десното крило на Пролет е во стандардна форма. Продолжува со големиот придонес за својата екипа, а заедно со Андоновски е еден од најстандардните во тимот. И на гостувањето во Велес беше меѓу подобрите така што доби место во тимот на колото.

ПИКЕР: Пеце Ѓорѓиоски (Прилеп)

Еден од најискусните ракометари на Прилеп, Пеце Ѓорѓиоски покажа што значи повеќе од една деценија да се игра во Супер лигата. Во моментите кога се решаваше победникот против Металург 2 имаше голем товар на себе и успеа да го однесе својот тим до трите бода.