ИДЕАЛЕН ТИМ НА ПРВОТО КОЛО ВО МАШКАТА СУПЕРЛИГА

Започна новата сезона, се одигра првото коло во македонската Суперлига. Ако по утрото денот се познава, тогаш не очекува интересна година, во која ќе гледаме возбудливи натпревари, дуели во кој секој може да победи секого, барем додека не се приклучат Вардар и Металург.

Од оваа есен 24Ракомет  по завршувањето на секое коло ќе ви го претстават идеалниот тим, во избор на уредниците, новинарите, дописниците и соработниците, а заедно со Вас ќе го избираме најкорисниот ракометар на колото…

Резултати, 1 коло:

Охрид – Вардар Јуниор 30:22
Металург 2 – Прилеп 31:28
Радовиш – Пелистер 25:24
Пролет – Борец 28:28


ИДЕАЛЕН ТИМ ЗА ПРВОТО КОЛО ВО МАШКАТА СУПЕРЛИГА:

ГОЛМАН: Никола Даниловски (Металург 2)

Поранешниот младински репрезентативец имаше одлична партија на првиот меч во сезоната и заедно со десниот бек Серафимов и десното крило Шилегов имаше најголема заслуга за победата. Откако Прилеп се врати во мечот, Даниловски со неколку интервенции во серија, спречи гостите да се израдуваат на триумф.

ЛЕВО КРИЛО: Мирко Мајиќ (Радовиш)

Црногорскиот интернационалец оваа сезона се врати во Македонија и веќе во првиот дуел покажа дека ќе биде одлично засилување за Радовиш. Освен на неговата природна позиција, тој играше во поголем дел од мечот и на среден бек, а со 11 голови, вклучувајќи го и победничкиот, ги има најголемите заслуги за победата над Пелистер.

ЛЕВ БЕК: Филип Лазаров (Пелистер)

По епизодата во романскиот Темишвар, Лазаров се врати во Македонија и по втор пат во кариерата го облече дресот на Пелистер. Тој беше еден од малкуте светли точки во битолската екипа, но ниту неговото искуство и голови, не му помогнаа на Пелистер да се врати барем со бод од незгодното гостување во Радовиш.

СРЕДЕН БЕК: Ивица Илиев (Борец)

По заминувањето на Дарко Димитриевски од Борец, неговата улога како најдобар стрелец и предводник на нападот ќе ја преземе искусниот Илиев. Тој беше една од клучните фигури во составот на Васко Василев на дуелот со Пролет, каде велешкиот тим освои бод. Погоди 9 пати, вклучувајќи го и последниот гол.

ДЕСЕН БЕК: Мартин Серафимов (Металург 2)

Играчот кој од неколку ракометните експерти веќе е прогласен за „новиот Кире Лазаров“ беше стрелец на 9 голови на дуелот против Прилеп. Иако имаше и други играчи на неговата позиција кои пружија одлични партии минатиот викенд, сепак тој ги постигна последните 4 голови и од 27:28 за Прилеп, донесе победа за неговиот Металург 2 со 31:28.

ДЕСНО КРИЛО: Бобан Блажески (Охрид)

Еден од најдобрите играчи на Охрид, добрата форма од пријателските натпревари и од натпреварите во Купот на ЕХФ ја продолжи и на домашна сцена. Иако противник беше Вардар Јуниор, сепак 13 голови не смеат да бидат занемарени па затоа десното крило од Струга се најде во идеалниот тим на колото.

ПИКЕР: Пеце Ѓорѓиоски (Прилеп)

Искусниот кружен напаѓач од Прилеп, беше еден од најдобрите играчи на РК Прилеп, како во нападот, така и во одбраната на тимот на Ице Соколески. Беше втор стрелец со 5 голови, но неговата добра игра сепак не беше наградена барем со бод. Покрај поразот на Прилеп, заслужено добива место во идеалниот тим на колото.